Хаваш (Havaş), компанија која е дел од ТАВ Аеродроми (TAV Airports) и Групацијата АДП (Groupe ADP),
ќе работи како консултантска компанија на ТАВ Македонија за услуги за прифат и отпрема на воздухоплови, патници, багаж, стоки и пошта коишто се нудат на авиокомпаниите на Меѓународниот Аеродром Скопје, известуваат од ТАВ Македонија.
Како што објаснуваат од аеродромскиот оператор, Хаваш е истакнат бренд специјализиран за аеродромски операции за прифат и отпрема во Турција и на други пазари каде што работи групацијата ТАВ Аеродроми. Затоа, оваа компанија е ангажирана и на македонскиот пазар како консултантска компанија, со цел да ги пренесе своите знаења и вештини, како и богатото долгогодишното меѓународно искуство.
Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија, изјави: „Како 100% подружница на ТАВ Аеродроми, Хаваш ќе обезбеди консултантски услуги на ТАВ Македонија, со цел зголемување на квалитетот на услугите што се нудат на авиокомпаниите. Во ТАВ Македонија веќе имаме квалификуван и компетентен тим за прифат и отпрема, а сега дополнително ќе имаме придобивки од меѓународното искуство на Хаваш. Наградата за Квалитет на аеродромските услуги (ASQ) што Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби оваа година по 7-ми пат, е доказ за нашата постојана посветеност кон подобрување на задоволството на клиентите, со користење на колективното знаење и вештини на групацијата. Овој пат ќе имаме големи придобивки од глобалната експертиза на Хаваш. Тие ќе ни помогнат да се истакнеме во нашите процеси за прифат и отпрема, со што можеме да обезбедиме одлични услуги за авиокомпаниите.“
С.Мете Ерна, Генерален директор на Хаваш, изјави: „Ги оценуваме сите можности да растеме во странство во нашите полиња на работа, во кои се фокусираме на обезбедување најдобра
услуга за нашите партнерства. Нашето долгогодишно меѓународно искуство и знаење ќе го пренесуваме на скопскиот аеродром, значаен центар на Балканот, во услугите за прифат и отпрема. Задоволство ни е да нудиме консултантски услуги и да ја прошириме нашата глобална мрежа на услуги. Ќе продолжиме да бидеме префериран деловен партнер на авиокомпаниите и аеродромите.“
ТАВ Аеродроми се присутни на македонскиот пазар од 2010 година. Преку ТАВ Македонија ги презедоа операциите од Владата на двата македонски аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид.
ТАВ Македонија успешно управува и ги разви и скопскиот и охридскиот аеродром, со што за 10 години, од 2010 до 2020 година, оствари четирикратно зголемување на бројот на патници, од 640 илјади во 2009 година, достигна 2,7 милиони патници на двата македонски аеродрома на крајот од 2019 година, пред да почне пандемијата со ковид-19. Во истиот период, бројот на опслужени дестинации се зголеми на 44 од 15, поради значајните маркетинг-активности, придобивките од глобалната мрежа на ТАВ која денес се протега на 90 аеродроми во 29 земји.
До почетокот на кризата со ковид-19, ТАВ Македонија секоја година бележеше одлични резултати со двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај. По 2020 година како прва пандемиска година, 2021 година беше година на стабилизација и почеток на закрепнување на патничкиот сообраќај кој достигна 78% во однос на 2020 година, но сепак 48% помалку во однос на предпандемиската 2019 година. Оваа година, 2022, со инвестицијата за рехабилитација на пистата на скопскиот аеродром, ТАВ Македонија продолжува да го развива аеродром во главниот град на Македонија како главен центар на Балканот.