Како е можно во 1991 година, кога пропадна СССР, животот во сите овие земји, од Естонија до Бугарија, беше многу потежок отколку во поранешна Југославија и, сепак, тие успеаја уште пред 15 години да станат членки на ЕУ, а државите кои ја сочинуваа Југославија не, прашува Амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп во интервју за „360 степени“ и констатира дека напредокот на реформите е закочен.
-Ќе ви дадам неколку примери, има неприфатлив политички притисок во процесот на избор на јавни обвинители, има неприфатлив политички притисок во процесот на избор на кандидати за Судскиот совет, има неприфатлив политички притисок врз судовите, вклучувајќи го и Врховниот суд… Сетете се на изборот на контролори на летање во Скопје, кој беше под надворешен притисок. Зошто има недостиг на соодветни обвиненија по наодите на Антикорупциската комисија и Државниот ревизор? Неодамна имаше обид на судија да ја ограничи новинарската слобода и да ја ограничи моќта на истражувачките медиуми во предметот за клевета против ИРЛ. Ги имавме сериозно сомнителните процедури околу Коридорот 8, го имаме хаосот во Судскиот совет, а и неодамнешните амандмани на Кривичниот законик, со кои фактички се уништија предмети поврзани со корупција на високо ниво, исто така и ретроактивно, вклучувајќи и предмети на СЈО и во иднина ќе овозможат корумпирани криминалци да заминат слободни. Сето ова се натрупува. Моето прашање е каква врска има ова со Грција, со Бугарија или со ЕУ? Одговорот е – никаква. Ова се работи кои се случиле тука, никој однадвор не треба да се обвинува за тоа, вели Коп.
Тој не смета дека со ваквите изјави се меша во внатрешните работи на земјата затоа што според него, негова должност е да види што се случува со големата сума пари што ги трошат овде.
-Во мојата земја граѓаните работат макотрпно за да ги платат даноците, живеат во една од земјите со најголеми даноци во светот. Кога ќе ги прашате – на што сакате да се трошат вашите пари? Тие ќе одговорат – локални училишта, локален здравствен систем, локални железнички станици, локална полиција и ние треба да бидеме во можност да ги погледнеме граѓани во очи и да им објасниме зошто нивните пари не се потрошени на локални болници, туку се потрошени во Северна Македонија. По минатонеделните избори во Холандија, гледаме брз пораст на партии кои се против проширувањето или ако сè уште се за проширувањето тогаш тоа е само ако условите се исполнат и тука се многу строги… Оттука, мојот впечаток е дека Северна Македонија забрзано си игра со оган, игра една опасна игра. Наредната година имаме избори за Европскиот парламент, ќе има избори во САД и, како што реков, во Холандија поддршката за проширувањето се намалува и вие не може и понатаму таа поддршка да ја земате здраво за готово, треба да влезете во ЕУ сега, што е можно побрзо или, како што стравувам, таа можност може да исчезне, во некој момент вратата ќе се затвори, порачува Коп.
Холандскиот владин кабинет пак до Парламентот во Хаг ја испрати владината оценка на извештајот на ЕК за Македонија во кој, меѓу другото, се нагласува:
-Сепак, извештајот дава мрачна слика за случувањата во областите на кластерот Основи. Развојот на настаните во Судскиот совет, политичкото влијание врз назначувањата во судството и злоупотребата на скратените процедури за носење закони предизвикуваат голема загриженост. Владата ја споделува сериозната загриженост на Комисијата за измените на Кривичниот законик со нивните далекусежни последици за тековните случаи на корупција. Во блиска иднина, Македонија ќе мора да покаже политичка волја за справување со корупцијата на високо ниво и за борба против организираниот криминал.
извор: „360 степени“