ЦУК со предупредување во наредните денови поради врнежите од дожди снег на повисоките места

Од УХМР известуваат дека во текот на наредните денови како резултат на циклонска активност земјата ќе биде зафатена од врнежи од дожд, како и снег на планините и дел од повисоките места. Врнежите локално се очекува да бидат пообилни и интензивни и на места да предизвикаат брзи зголемувања на водостоите пред се на помалите реки и суводолиците низ земјава. На високите планини врнежите ќе бидат претежно во вид на снег, а на повисоките места од дожд и снег. Исто така, како резултат на овие врнежи во наредните денови се очекува и зголемување на водостојот и на поголемите реки низ земјава особено на оние во јужните, централните делови и по повардарието.
Денеска поголеми врнежи се очекуваат во јужните делови на земјата (околу планинскиот масив Кожуф) и во централните делови, односно во пределот на планинскиот масив Солунска Глава.
Предупредуваме за можно зголемување на водостоите на реките во овие делови на земјата. Можни поголеми зголемувања на водостоите и полнење на речните корита пред се на помалите реки и суводолиците се можни во Гевгелиско-Валандовската котлина, во Кавадаречко-Неготинскиот регион, како и во југоисточните и источните делови на земјата.
Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на наредните неколку дена поради локална можност од големи води и локално интензивно полнење на речните корита на помалите реки и суводолици низ земјава.