Четворица приведени за пожарот во Трубарево, училиштата ќе спроведуваат онлајн настава

Четворица се приведени во врска со пожарот што вчера избувна во Трубарево, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Трубарево. Тој посочи дека нема вонредно големо загадување, повикувајќи се на последните мерења од Армијата и Институтот за јавно здравје.

Мицкоски изјави дека секој треба да ги следи препораките од институциите и најави дека сите кои се наоѓаат во периметарот на пожарот ќе бидат евакуирани и згрижени.

„Последните мерења што ги прават и Армијата и Институтот за јавно здравје велат дека немаме вонредно големо загадување. Ако вчера беше на мерна единица помеѓу осум и девет, сега е меѓу пет и шест, повторно има, но не е вонредно големо загадување. Зборувам во периметар од 100 метри околу местото каде што се случи пожарот“, рече Мицкоски.

Пожарот кој вчера попладне изби во објект со електронски отпад во Трубарево е целосно под контрола.

Покриени се околу 80 проценти од локацијата каде изби пожарот. Сега се работи на догасување и проверување дали има остатоци од самото горење, информира денеска командантот на територијалната противпожарна бригада на Град Скопје Звонко Томевски.

„Мирисот од пожарот веќе е интензивно намален, го нема оној интензивен препознатлив мирис кој беше на почетокот. Се надевам дека до крајот на денот целосно ќе биде затрупана и обезбедена како депонија, односно нема да има исчадување од неа“, изјави Томевски во Трубарево.

Тој додаде дека станува збор за тежок пожар кој е исто така тежок за гаснење, но, оти од професионален аспект може да каже оти интервенцијата е успешна благодарение на координацијата на сите институции.

Само една жителка на Трубарево останува хоспитализирана

Претходно, министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека се надвор од животна опасност четирите лица кои побарале помош по пожарот во складиштето за рециклирање отпад во скопско Трубарево.

На Клиниката за токсикологија е хоспитализирана жителка на Трубарево, а другите три лица, припадник на Армијата, директорот на Центарот за управување со кризи и полицаец, веќе се пуштени на домашно лекување, информираше министерот Алиу.

Кај хоспитализираната пациентка, која е со коморбидитети, се прават дополнителни анализи, се третирасоодветно и Алиу се надева дека бргу и таа ќе биде пуштена дома.

Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска соопшти дека според монитпорингот што го прават нема отстапки на параметрите за радијација во воздухот. Во текот на денов ќе се направат дополнителни анализи, ќе се проверат почвата и водата во погодените места, рече Андоновска.

Апелира да се следат дадените препораки коишто, како што рече, се во согласност со сите светски стандарди и колку и да изгледаат едноставни и обични доколку се почитуваат особено од граѓаните од ранливите групи, со коморбитдитети, хронични заболувања, бремените жени и децата, можат да придоенсат да нема здравствени проблеми.

„ИЈЗ не прави физичко-хемиски анализи, туку ќе спроведе мониторинг на квалитетот на воздухот, почвата и водата, на радијацијата во воздухот. Според нашите анализи и сознанија во моментов нема отстапувања од минимумот на параметрите за радиоактивност во воздухот“, рече Андоновска.

Повеќе од 15 часа траеше борбата со пожарот во складиштето за рециклирање отпад во Трубарево, кој е целосно изгаснат.

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk