Швајцарија гласа за лимит од 10 милиони жители

Во Швајцарија се отвори жестока дебата за воведување горна граница од десет милиони жители, за што граѓаните ќе гласаат на референдум. Покрај „референдумот против Законот за цивилна служба“, швајцарските гласачи ќе одлучуваат и за народната иницијатива „Не за Швајцарија со десет милиони жители“. Федералниот совет ја донесе одлуката гласањето да се одржи на 14 јуни.

Суштинското прашање е: колку луѓе треба да живеат во Швајцарија? Со оваа иницијатива, десничарската Швајцарска народна партија (СВП) сака да обезбеди постојаното население да не надминува десет милиони жители од 2050 година натаму.

Прашањето за бројот на жители отвора повеќе аспекти – од националистички и психолошки мотиви, до аргументи кои критичарите ги гледаат како ксенофобични, но и конкретни економски интереси. Сличен предлог на СВП пред дванаесет години веќе беше одбиен.

Економски дилеми и ризици од ограничување на миграцијата
Економистите предупредуваат дека евентуалното ограничување на миграцијата би имало сложени последици. Според Тобијас Хајдланд од Килскиот институт за светска економија (ифВ), би започнала борба околу тоа која миграција да се дозволи. Тој очекува значително незадоволство во економијата и општеството, како и дека многу високо квалификувани луѓе би се откажале од доселување во Швајцарија – процес што би значел „одвраќање на погрешните“.

Сабине Цин од Германскиот институт за економски истражувања нагласува дека не може едноставно да се даде одговор дали ограничувањата се вистинско решение. Според неа, клучниот предизвик е да се направи јасна разлика меѓу хуманитарната миграција и економски потребната работна миграција.

Таа посочува дека многу европски земји, вклучително Швајцарија и Германија, се соочуваат со сериозни демографски предизвици. Се намалува бројот на работоспособно население, што има директно влијание врз финансирањето на социјалните системи. Воедно, пазарот на труд веќе се соочува со недостиг од квалификувани работници, па генералното намалување на миграцијата само би ги продлабочило овие проблеми.

Експертот за миграција Вито Гајс-Тоне од Институтот на германската економија во Келн исто така предупредува на недостиг од работна сила, особено во секторите со пониско квалификувани работни места. Во хотелско-угостителскиот сектор и градежништвото се вработени многу државјани на ЕУ, кои се од суштинско значење за швајцарската економија, особено за туризмот. Според него, воведувањето на границата од 10 милиони жители речиси сигурно би имало сериозни негативни последици.

 

 

 

DW