Шестгодишно девојче се удави во Грција, татко ѝ не нурнал да ја спаси

Безживотно тело на шестгодишно девојче вчера беше извлечено од морето во Грција кај селото Истмија кај Коринт.

Телото на девојчето, кое било целосно облечено, го пронашол нуркач под чамецот, а како што изјавил во полиција – никаде не можел да ги пронајде ниту родителите, ниту роднините на девојчето, објави Република.

Според изјавата на мајката, малата Амелија во средата била со нејзиниот татко, државјанин на Албанија, со кој се разделила пред извесно време.

Првите резултати од истрагата покажуваат дека девојчето прво отишло на ручек со својот татко, по што од непозната причина завршиле на плажа оддалечена седум километри од местото каде што престојувало девојчето, иако во близина имало и други плажи. Во попладневните часови нуркач го пронашол телото на девојчето, но нејзиниот татко никаде го немало.

Отпрвин мислев дека е тело на возрасен, но потоа сфатив дека е дете. Веднаш излегов на површина со телото, кое беше под чамецот. Почнав да викам за помош, викам дека е дете. Нејзиното лице беше сино. Ја однесов на брегот, се обидов да ја реанимизирам, но залудно – рекол нуркачот.

Она што предизвикува сомнеж во случајот е зошто таткото избрал да го однесе детето на толку оддалечена плажа, каде што немало луѓе. Уште една работа што е чудна е тоа што девојчето во водата било целосно облечено.

Таткото бил сослушан во полиција, а по изјавата бил пуштен на слобода.

Албанецот рекол дека девојчето барало да ја однесе на плажа после ручекот.

Јас и реков дека немаме костим за капење, бидејќи мама не го спакуваше, но таа инсистираше. Затоа во водата влегла облечена, а имала чевли поради ежовите. Заедно допливавме до бродот, како што правевме порано. Врзан е на десетина метри од брегот. Тогаш потона – рекол таткото.

Тој дал и објаснување зошто не се нурнал за да ја извлече.

Сакав да ја спасам, но страдам од астма и не можам да нуркам – рекол таткото.

Наводно, излегол од морето за да потрча да бара помош. Меѓутоа, она што дополнително фрла сомнеж во овој случај е дека кога конечно се појавил, таткото бил во сува облека.

Мајката на жртвата тврди дека детето не се жалело на односот со таткото.

Тетката на детето, сестрата на таткото, вели дека не може да верува дека нејзиниот брат не му помогнал на детето.

Има астма, но не би седел само беспомошно – рекла тетката, пренесе Телеграф.рс.

извор: Република.