Што се случи?
Во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, во кантонот Вале, во новогодишната ноќ околу 1:30 часот избувнал пожар во барот „Le Constellation”. Првиот повик за помош, според полицијата, бил примeн непосредно потоа. Првите полициски патроли пристигнале на местото на пожарот веќе во 1:32 часот, а недолго потоа дошле и поголем број пожарникари.
Според информации од властите, биле ангажирани 42 амбулантни возила, 13 хеликоптери и 150 медицински спасувачи. До околу 5 часот наутро сите повредени биле згрижени. Повеќето од нив биле пренесени со хеликоптери во болници.
На прес-конференција вчеравечер (1.01), командантот на кантоналната полиција во Вале, Фредерик Гислер, ја процени бројката на загинати на околу 40 лица. Приближно 115 луѓе биле тешко повредени. Барот, според сопствените информации, има капацитет за околу 300 гости. Сепак, не е познато колку луѓе се наоѓале внатре во моментот на пожарот, изјави генералната обвинителка Беатрис Пилуд.
Што се знае за загинатите?
Властите досега не објавија многу информации за загинатите и повредените. Точниот број на жртви и нивното потекло сè уште не се познати. Според полицијата, многу веројатно е дека меѓу загинатите има и странци. Идентификацијата на жртвите е највисок приоритет, изјави надлежното обвинителство. Затоа е побарана помош од форензичари од соседните кантони.
„Предвидени се значителни ресурси за идентификација на загинатите“, рече генералната обвинителка Пилуд. Сепак, процесот ќе трае извесно време, нагласија властите.
Претседателот на Швајцарија, Ги Пармелен, го нарече настанот една од најголемите трагедии во историјата на земјата. Многу од жртвите биле млади луѓе. Тој најави дека знамињата ќе бидат на половина копје пет дена.
Што се случува со повредените?
Околу 115 повредени веќе се пренесени во различни швајцарски клиники. Околу 80 од нив се во критична состојба, извести новинарката на СВР, Паула Керстен, за германскиот радиофузен сервис АРД.
Универзитетската клиника во Лозана, специјализирана за жртви на пожари, примила 22 повредени. Повеќе од десетина се пренесени во Универзитетската клиника во Цирих. Други се пренесени во Женева и други болници низ Швајцарија. Едно лице е пренесено во Штутгарт.
DW




