Јужнокорејската полиција отвори истрага за обвиненија за „предавство“ против претседателот поради воената состојба

Полицијата во Јужна Кореја денес отвори истрага за обвиненија за „предавство“ против претседателот на земјата, Јун Сук Јеол, кој се соочува со гласање за импичмент поради неговиот неуспешен обид за воведување воена состојба, јавува Анадолу.

Специјален полициски тим истражува две жалби, едната е од помалата опозициска Партија за обнова на Кореја, а другата е поднесена од група од 59 активисти, објави новинската агенција Јонхап.

Во жалбите се обвинуваат и поранешниот министер за одбрана Ким Јонг-хјун, началникот на Генералштабот на армијата, генерал Парк Ан-су и министерот за внатрешни работи Ли Санг-мин за предавство и други поврзани обвиненија, се вели во веста.

Ова се случи откако Јун воведе воена состојба во вторникот вечер, но ја повлече неколку часа откако мнозинството пратеници ја отфрлија неговата одлука.

Жалби против Јун се поднесени и до обвинителството, како и до Канцеларијата за истраги за корупција за високи функционери.

Во пресрет на неговиот неуспешен потег за воена состојба, шест опозициски партии предводени од Демократската партија поднесоа барање за импичмент на Јун и неговиот поранешен министер за одбрана Ким.

Во меѓувреме Ким поднесе оставка и доби забрана за напуштање на земјата, а гласањето за импичмент за Јун треба да се одржи во сабота.

 

извор: Анадолија