Северна Македонија покажа општествена грижа за македонскиот јазик, воведувајќи стандарди за неговата употреба во јавниот живот, администрацијата, науката, јавната комуникација. Ова е закон кој не познава ниту власт ниту опозиција – тој обединува и штити. Во услови кога има обиди за негирање на македонскиот јазик – повеќе нема потреба да стравуваме дека го губиме јазикот. Ова е оценката на универзитетскиот професор и претседател на владиниот Совет за македонски јазик, Људмил Спасов кој ги подготви измените на неодамна усвоениот Закон за употреба на македонскиот јазик.
Стариот Закон, од 1998 година, кој претрпе само некои незначителни измени со текот на годините, ја изврши својата првична функција, но сè повеќе се забележуваше непочитување на законските мерки и негрижа за македонскиот јазик.
Над пет години траеше битката за усвојување на новиот закон во земјата, којшто мораше да помине низ неколку филтри на јавна расправа, усвојување во Собранието, а крајниот збор го имаше претседателот Стево Пендаровски кој на 29 јануари го потпиша указот за прогласување на Законот за употребата на македонскиот јазик.
Законот се очекува да придонесе за подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, за афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба на македонскиот јазик во јавната и во службената комуникација, како и за почитување и унапредување на јазичниот стандард.
Неопходен чекор
„Ова е чекор кој како држава моравме да направиме“, вели професорот Спасов. Тоа е особено важно на патот кон ЕУ, кога македонскиот јазик станува еден од официјалните јазици во Унијата.Јазични стандарди се неопходни и при преведувањето на големиот број документи, но и при настапите на македонските претставници во различни комисии на Унијата.
Словенија овој чекор го направи пред десетина години, Хрватска се бореше долго – сигурно девет години и неодамна го изгласа. Словачка има ваков закон, како и сите членки на ЕУ меѓу кои и Германија и Франција.
„Исто така, веќе неколку години како е донесен Законот за јазици – кој ги регулира сите други јазици за службена и административна употреба. Може ли такво нешто да постои, а да не постои закон за македонскиот јазик, којшто е главниот, државиот јазик“, посочува Спасов.
Со донесувањето на овој закон, според нашиот соговорник, граѓаните ќе се чувствуваат културно и психолошки посигурни. „Овој го негира – оној го негира, сега нема потреба да патиме од комплекс дека го губиме јазикот.Ова е чекор кој ние како држава моравме и го направивиме“, вели Спасов.
Кои се придобивките?
Овој закон не покажува само една општествена грижа, туку и општествена реализација – тој определува во кои области треба да се почитува македонскито стандарден јазик. Овој закон го стандардизира уште повеќе тој јазик којшто исполнува одредени стандарди и му служи на целото општество.
„Од друга страна навистина дава една културна придобивка, едно чувство за самостоен јазик за самостојна нација, бидејќи поттикнува истражувања во областа на науката, културата, помасовно студирање на македонскиот јазик на сите универзитети, не само во државата, туку и во странство. И во таа насока значи една огромна придобивка“, вели професорот Спасов.
Тоа истовремено значи и заштита и се отвора можноста во секоја јавна институција да постои лектор, којшто ќе се грижи околу целокупната документација, бидејќи таа станува арховски материјал.
Истовремено во приватните телевизии, радија, портали, весници се воведува едно задолжение дека тестот мора да биде лекториран. Малите фирми кои не можат да вработат лектор, ќе користат услуги на друштва за лекторирање.
Со законот се налага и отворање нови лекторати во странство, но и формирање инспекторат како посебна институција која ќе врши надзор над примената на законот. Инспекторатот најпрво ќе опоменува, а како крајна мерка се предвидени и казни. За објавување на нелекториран текст правно лице ќе треба плати казна до 1 .500 евра.
Законот на 26 јануари беше изгласан во македонското Собрание со 96 гласа „за“.
DW