Њујорк се соочува со незапаметено загадување на воздухот поради шумските пожари во Канада

Загадувањето на воздухот предизвикано од шумските пожари што беснеат во Канада со недели зафати големи делови од Северна Америка, вклучително и Њујорк, во САД, каде што се издадени предупредувања за високоризичен квалитет на воздухот за десетици милиони луѓе, јавува Анадолу.

Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, вчера предупреди дека чадот што се издигнува над градот е настан без преседан и ги повика њујорчани да преземат мерки на претпазливост додека ги извршуваат своите секојдневни активности.

Сите пет градски општини се под предупредување за квалитетот на воздухот. Градот ги повикува сите жители да ја ограничат изложеноста на отворено, а чувствителните категории да останат внатре.

„Ова не е ден да тренирате за маратон или да сте надвор со вашите деца. Останете внатре, затворете ги прозорците и вратите и користете прочистувачи на воздух доколку имате“, рече Адамс.

„Ако сте постари или имате проблеми со срцето или дишењето или сте повозрасни луѓе, треба да останете внатре. А доколку мора да излезете на отворено, носете висококвалитетни маски, како што се К-95“.

Училиштата сѐ уште се отворени, но сите активности на отворено се откажани.

Сликите направени од фотографите на Анадолу го прикажуваат градот покриен со портокалова магла, така што главните знаменитости, како што е Емпајер Стејт Билдинг, се едвај видливи.

Канада се бори со шумските пожари од почетокот на мај, а повеќе од 400 сѐ уште се активни, според канадските власти.

Околу 9,4 милиони хектари земја изгореа, а повеќе од 20.000 луѓе се евакуирани.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.