Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска го посети Националниот парк „Шар Планина“. За време на денешната посета премиерот оствари средба со вработените и директорот на Националниот парк, Ибрахим Дехари.
Шар Планина е четвртиот национален парк во државата, а прв прогласен во самостојна Република Северна Македонија. Со прогласување на Шар Планина за Национален парк, освен што се овозможи правна заштита на ова огромно природно богатство за нашата држава, исто така Северна Македонија ги исполни барањата на двата најзначајни инструменти на ЕУ за заштита на биодиверзитетот.
Националниот парк „Шар Планина“ сега отвора нови можности не само од заштита на природната средина, туки и за социо-економски придобивки. Шар Планина изобилува со културни и традиционални вредности. Во Националниот парк се опфатени 30 села, каде живеат околу 2.000 жители, а со заштитата на планината, се овозможи развој на регионот и подобрување на животот на локалното население.
Премиерот Џафери порача дека Шар Планина нуди можност за развој на новини во туризмот, унапредување на условите за летен и зимски туризам, како и создавање на туристичка содржина која ќе ги обединува потенцијалите на оваа подрачје. Шарпланинскиот регион може да се искористи за нови содржини и туристичка понуда кои би обезбедиле развој на детскиот туризам, медицинскиот туризам, спортскиот туризам и туризмот за повозрасна категорија на граѓани.