САД ја загубија својата највисока оценка за кредитен рејтинг и кај последната голема рејтинг агенција. Мудис, како трета агенција, ја намали својата оценка за еден степен, од ААА на Аа1. Причината е високиот национален долг на Соединетите Американски Држави. Со овој чекор, САД би можеле да се соочат со малку повисоки трошоци за позајмување пари на пазарот на капитал преку државни обврзници. Со оваа оценка, Мудис се изедначи со конкурентските агенции Фич и Стандард и Пурс (СиП), кои ги намалија нивните рејтинзи за САД од „ААА“ на „АА+“. Фич го намали рејтингот во 2023 година, а СиП уште во 2011 година.
Економски силни, но преголеми долгови
Намалувањето на рејтингот е последица на растот на државниот долг и трошоците за негово сервисирање повеќе од една деценија, тврди Мудис. Тие индикатори станаа процентуално значително повисоки отколку во другите земји со највисок рејтинг. Иако тие признаваат дека САД се економски и финансиски силни, тие повеќе не можат целосно да го компензираат падот на владините финансии. Мудис има вкупно 21 ниво на рејтинг. Засега, САД не мора да очекуваат понатамошни неповолни вести од оваа агенција: Мудис ја постави прогнозата на „стабилна“.
Критики од Белата куќа
Критиките за намалувањето на рејтингот дојдоа од Белата куќа. Во објава на онлајн платформата X, директорот за комуникации Стивен Ченг го нападна економистот на Мудис, Марк Занди, како противник на претседателот Доналд Трамп. „Никој не ја сфаќа сериозно неговата ‘анализа’“, напиша Ченг. Занди, меѓутоа, е главен економист на аналитичката секција на Мудис, која работи одделно од секторот за рејтинзи.
DW