Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев денес рече дека координацијата меѓу воените и цивилните служби на Русија можела да го спречи падот на летот на „Азербејџан ерлајнс“ во близина на казахстанскиот град Актау кон крајот на минатиот месец, јавува Анадолу.
„Доколку беа преземени соодветни мерки за затворање на рускиот воздушен простор во близина на градот Грозни и доколку копнените служби ги следеа сите потребни протоколи со соодветна координација меѓу вооружените сили на Русија и цивилните служби, оваа трагедија можеше да биде спречена“, рече Алиев на средбата со преживеаните членови на екипажот во авионската несреќа, како и со семејствата на загинатите членови на екипажот, се вели во соопштението на азербејџанскиот претседател.
Алиев рече дека можело да се каже со „целосна сигурност“ оти одговорноста за смртта на азербејџанските граѓани во несреќата е на претставниците на Русија.
„Бараме правда, бараме казнување на одговорните и инсистираме на целосна транспарентност и одговорност во врска со ова прашање. Мора да надвладее човечката пристојност и етичкото однесување“, вели Алиев.
Тој, исто така, рече дека трансферот во Бразил на црните кутии пронајдени на местото на несреќата го нагласува нивното барање за објективност.
Алиев понатаму рече дека би се договориле за декодирање на црните кутии од страна на Меѓудржавниот авијациски комитет на Заедницата на независни држави доколку виделе „обиди на официјалните кругови на Руската Федерација објективно да ја истражат оваа трагедија од самиот почеток“.
„Кога видовме дека постојат обиди да се минимизира сериозноста на случајот, припишувајќи го инцидентот на удар од птици или експлозија на плинска боца, и јас и азербејџанската јавност почнавме сериозно да ја доведуваме во прашање објективноста на истрагата“, вели тој понатаму.
„Црните кутии во моментов се декодираат и уверен сум дека прелиминарните резултати ќе се појават наскоро, што ќе ги расветли сите детали за оваа трагедија“, додаде тој.