Министерот за одбрана на Туркије, Хулуси Акар, изјави дека на подрачјата погодени од земјотресите на југот од земјата се ангажирани 25.067 припадници на Турските вооружени сили, известува Анадолу.
Министерот Акар истакна дека 63 авиони преку коридорот за воздушна помош во регионот транспортирале 9.780 експерти и 625 тони опрема.
Тој додаде дека припадниците на турските сили дават огромен придонес во акциите за претрагата, спасувањето и во давањето медицинска помош.
„Во краток временски рок воспоставивме коридор за воздушна помош“, рече Акар.
Најмалку 21.848 лица загинаа, а 80.097 повредени се спасени по двата силни земјотреси што во понеделникот ги потресоа јужните делови на Туркије, информираше претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган.
Два разорни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, во понеделникот наутро во 4:17 часот по локално време, со епицентар во округот Пазарџик, и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.
Бројни спасувачки екипи и понатаму посветено работат во акциите за претрага и спасување на луѓето заробени под урнатините на зградите.
извор: Анадолу.
фото: Анадолу.