Албанија повика пет земји членки на ЕУ да ја признаат независноста на Косово

Албанија денес ја изрази својата поддршка за европскиот пат на Косово и ги повика петте земји членки на Европската Унија (ЕУ), кои не го признале Косово, тоа да го реализираат, јавува Анадолу.

На заедничката седница на пратениците на Косово и Албанија во Собранието на Косово во Приштина, премиерот на Албанија, Еди Рама, и претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, порачаа дека Косово и Албанија чекорат заедно и нивните успеси се неразделни.

Рама, цитирајќи го поранешниот претседател на Косово, Ибрахим Ругова, рече дека Албанците денес се на пат кон напредок, дека се најдинамичниот народ во делот каде што живеат и имаат шанса да влезат во големото европско семејство со своите вредности.

„Ќе бидеме рака под рака, мирољубците и мировниците, ќе ги убедиме и најголемите скептици во ЕУ за апсурдноста на нивните резерви кон признавањето на Косово како суверена држава“, истакна Рама.

Тој нагласи дека Албанија сака Косово да биде признаено час порано од сите европски земји кои сѐ уште не сакаат да ја прифатат „неповратната и непроменлива реалност на неговата независност“.

Рама во својот говор се осврна и на загриженоста што ја има во врска со независноста на Специјалниот суд за воени злосторства, каде што им се суди на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), за кој рече дека е независен, но дека стандардите може да зависат од судиите.

Претседателката на Парламентот на Албанија, Елиса Спиропали, рече дека соработката на двете републики е заемно стратешка и дека Косово е национален приоритет на Албанија, а Албанија е национален приоритет на Косово.

Таа нагласи дека и покрај секојдневните дебати, партнерството меѓу двете земји е единственото средство за соочување со предизвиците.

„Сметаме дека само целосно и меѓусебно партнерство е единственото разумно средство Тирана и Приштина да се соочат со своите предизвици во геополитичкото опкружување кое понекогаш изгледа како непријателско“, посочи Спиропали.

Во контекст на интеграцијата на Косово во Европската Унија, Спиропали повика петте земји членки на ЕУ да ја признаат независноста на Косово, велејќи дека неговото конечно признавање е неповратна реалност.

Шпанија, Администрацијата на кипарските Грци, Словачка, Романија и Грција се пет од 27-те земји на ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово која ја прогласи во 2008 година.

 

извор: Анадолија