Поволната хидрологија овозможи максимално производство на електрична енергија во трите хидроелектрани на каскадата на реката Дрим, што услови албанската електрокорпорација, КЕШ, да почне со извоз.
-За периодот од 19 до 23 декември продадени се околу 48.000 мегаватчасови електрична енергија, по цена од 167,2 евра за мегаватчас. Претходно, имавме обид да се депонира оваа количина на енергија, но постапката не беше успешна, информираа од КЕШ.
Според корпорацијата, извозот почнал бидејќи се задоволува дневната потрошувачка која изнесува 17.800 мегаватчасови.
Поради подобрувањето на хидролошката состојба, Владата одлучи во декември да не применува зголемена цена за домаќинствата кои трошат над 800 киловатчасови месечно. Оваа тарифа требаше да почне да се применува од октомври, но беше одложена за ноември, поради помалата потрошувачка, споредено со минатата година.
На каскадата на реката Дрим, се наоѓаат ХЕ „Фиерза“, која е втора по големина на Балканот, потоа ХЕ „Коман“ и ХЕ „Вау те Дејес“, чии нивоа на акумулациите се на максимална кота, по обилните дождови.
фото: Архива