Седумнаесет месеци вработени во општинското основно музичко училиште во Струга немат земено плата. Плата нема за наставниците кои работат во училиштето од неговото отворање, но и за оние кои се примени во меѓувреме. Училиштето беше помпезно отворено, во ек на изборната кампања во септември 2021, но на отворањето ниту локалната власт на чело со Рамиз Мерко ниту присутните министри, не кажаа дека немаат обезбедено ниту финансии ниту кадар. Директорот вели дека добиле ветување дека проблемот ќе се реши и со исплата на плати, но и очекуваат дека ќе добијат согласност за вработувања на наставници, објави Алсат.
„Ние сме ново училиште, кое за првпат започна со работа во учебната 2021/2022 година. Годинава ни се зголеми и бројот на ученици како втора година,а се зголеми и бројот на наставници, бидејки во втора година сите наши ученици кои се запишаа лани одат на индивидуална настава. Ние како училиште, јас како директор и општината како основач, сме побарале до министерството за образование нови согласности за нови вработувања“, рече Алтин Зиба, директор.
Алсат контактираше и со наставниците. Тие не сакаа да зборуваат во камера, но велат дека надлежните им ветиле дека до крајот на февруари ќе го решат проблемот. Родителите најавуваат дека ќе одржат собир за поддршка на наставниците.
Настава во ова училиште посетуваат 250 ученици.
Текстот во целост на: Алсат.