Американската влада започна да објавува десетици илјади доверливи записи за убиството на Џон Ф. Кенеди

По наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, Националниот архив на САД објави претходно доверливи досиеја за атентатот на претседателот Џон Ф. Кенеди во 1963 година. На веб-страницата на Националниот архив вчеравечер (18.03) беа објавени повеќе од 1.100 документи. Новообјавените документи имаат вкупно околу 80.000 страници, кои сега се објавуваат без измени, соопшти Канцеларијата за координација на американските тајни служби. Не е јасно дали овие документи даваат нови сознанија за атентатот.

Документите може да се видат и онлајн и лично во Националниот архив. Оние документи кои во моментов може да се видат само на лице место ќе бидат дигитализирани и ставени во онлајн архивот во наредните денови, се наведува во соопштението.

Не се очекуваат револуционерни откритија
Според Националниот архив, збирката документи за атентатот на Кенеди веќе се состои од неколку милиони страници, фотографии и електронски фајлови, од кои повеќето веќе претходно ѝ беа достапни на јавноста. Сепак, некои досиеја се чуваат во тајност бидејќи нивното објавување може да ја загрози воената одбрана, разузнавачките операции, спроведувањето на законот или надворешнополитичките односи.

Историчарите сега ги истражуваат новите документи. Не се очекува дека документите ќе дадат револуционерни откритија за атентатот. Убиството на 35-от претседател на Соединетите Американски Држави во текот на децениите предизвика бројни теории на заговор. Кенеди беше убиен со повеќе истрели во Далас на 22 ноември 1963 година.