Американскиот претседател Трамп со својата непредвидлива царинска политика предизвикува распродажба на доларот

Кој е најголемиот губитник од американската царинска политика на финансиските пазари? Ако ги прашате експертите за валути, одговорот е јасен – американскиот долар. За разлика од берзите, кои успеаја да надоместат добар дел од загубите, во моментов нема знаци за слично закрепнување на американската валута.

Еврото на тригодишен максимум во однос на доларот
Најавата за нови царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп неодамна предизвика вистинска распродажба во долари. Инвеститорите се свртеа кон еврото, јенот и швајцарскиот франк. Станува збор за драматичен развој без преседан во историјата на берзата.

За само неколку дена вредноста на еврото се зголеми во однос на доларот. Во одредени периоди едно евро вредеше повеќе од 1,14 долари. Ова ја доведе заедничката европска валута на највисоко ниво во последните три години. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во споредба со шесте главни светски валути, падна на двоцифрен број за првпат од 2022 година. Промени во овој тренд сѐ уште не се на повидок.

Во позадина е стравот на инвеститорите од последиците од непредвидливата царинска политика на Трамп. Пазарот сега проценува дека ризиците за растот на американската економија се поголеми од инфлаторните ризици. Експертите сметаат дека ризикот САД да влезат во рецесија поради повисоките увозни давачки е драстично зголемен.

Трамп ја уништи довербата
Статусот на доларот како безбедно пристаниште брзо пропаѓа. Пазарот почнува да ја доведува во прашање улогата на доларот како главна светска валута. Ова не се менува ниту со неодамна објавените исклучоци од царини за смартфони, лаптопи и автомобили, бидејќи компаниите сè уште немаат сигурност во планирањето. Колку долго може да важат „привремените“ царински исклучоци? Сѐ зависи од следниот потег на американскиот претседател.

Очигледно е дека и Трамп донекаде го разбира ова, нагласува експертката за валути на Комерцбанк, Антје Префке. „Но штетата е веќе направена, довербата е уништена“. Сѐ додека трае оваа неизвесност, објаснува таа, тешко е да се очекува посериозно закрепнување на доларот за сите кои се вклучени во глобалните и економските случувања.

Зошто Трамп сака да го ослабне доларот?
Самиот Трамп најверојатно ќе гледа со симпатии на распродажбата на американската валута, бидејќи слабеењето на доларот како светска резервна валута е една од декларираните цели на неговата царинска политика. Логиката зад тоа е следна: послаба домашна валута го намалува огромниот државен долг, како и трговскиот дефицит на САД.

Сегашната девалвација на доларот од страна на Трамп и неговите советници е повеќе „непланирана“ нуспојава на американската царинска политика. Целта е да се натераат американските кредитори да се согласат на координирана девалвација на доларот во наредните денови и недели за американскиот извоз да се направи поконкурентен. „Договорот Мар-а-Лаго“ е клучен поим.

 

 

DW