ДАМАСК (АА) – БУРАК КАРАЏАОГЛУ/АХМЕТ КАРААХМЕТ –
Екипата на Агенција Анадолу во Дамаск ги сними луксузните автомобили што ги користеле соборениот сириски лидер Башар ал Асад и неговиот брат Махир ал Асад, јавува Анадолу.
Додека земјата минуваше низ огромно разорување и економска криза за време на 13-годишната граѓанска војна, десетици луксузни автомобили вредни милиони долари беа паркирани во гаражата на семејството Асад.
Ферари Ф50, ферари Ф12 берлинета, ламборџини мурселаго, астон мартин, бентли, кадилак, ауди ТТ, мерцедес АМГ се само дел од луксузните автомобили снимени во гаражата на претседателската палата во Дамаск, која повеќе потсетува на луксузна галерија каде што се изложени ретки автомобили што се произведуваат во ограничени серии, од класични до спортски и електрични возила.
– Ферари Ф50 достигнува цена од околу три милиони долари –
Меѓу возилата најдени во гаражата на семејството Асад, ферари Ф50 е познат како автомобил што е атрактивен за бизнисмените и колекционерите поради ограничениот број на производство и вредноста на брендот.
Ферари Ф50, еден од најскапите модели на овој бренд, на пазарот достигнува цена од околу три милиони долари. Меѓу луксузните возила во палатата, ферари Ф12 берлинета има пазарна вредност од околу два милиона долари.
Во гаражата на Асад е паркиран и ламборџини мурселаго, модел произведен во ограничена серија што достигнува астрономска цена меѓу спортските автомобили. Цената на моделот во просек може да достигне еден милион долари.
Уште еден од луксузните автомобили на семејството Асад е астон мартин, британски бренд чии автомобили може да чинат и до 1,5 милиони долари, во зависност од моделот и карактеристиките.
Во гаражата има и автомобили од британскиот луксузен производител Бентли, чии модели се продаваат за најмалку 320.000 долари.
Меѓу луксузните возила на паркингот е и мерцедесот АМГ Г 63 СУВ, чија цена е околу 186.000 долари.
– Електрични модели –
Додека Сирија беше под тешки санкции за време на долготрајната граѓанска војна, во тој период во гаражата на семејството Асад имаше и кадилак ескалада, нов електричен модел од луксузниот бренд чија цена може да достигне 170.000 долари.