Од почетокот на 2021 година до крајот од 2024 година цените во Северна Македонија се зголемиле за 35%, додека храната поскапела за 46.8%. Ова го покажуваат анализите на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“. Со оглед на тоа дека за неколку дена завршуваат владините мерки опфатени со Новогодишната кошница,по што се стравува од нов ценовен удар. Институтот препорачува мерките за ограничување на цените на храната да се користат само во случаи на особено висока инфлација. Во сите останати случаи, според нив, тие треба да се заменат со структурни мерки или мерки засновани врз пазарни принципи.
Според Фајнанс тинк, потребна е доследна и непристрастна примена на Законот за нефер трговски практики, зајакнување на капацитетот и алатките на Комисијата за заштита на конкуренцијата, ремонт на системот на земјоделски субвенции за поголемо домашно производство и таргетирана буџетска поддршка на најранливите сегменти од населението.
Привремено смирување на инфлацијата
Нивните анализи покажуваат дека мерките за ограничување на цените на хранатаја смируваат инфлацијата само привремено, бидејќи штом мерката престане да важи, цените повторно се зголемуваат.
Наодите од анализата покажуваат дека мерките за ограничување на цените на храната извршиле благ агрегатен ефект и силен непосреден ефект. Просечната инфлација кај храната во периодите без примена на мерки изнесувала 0.5%, месец-за-месец. Со мерките, во просек инфлацијата кај храната била негативна најмногу до -1%, односно со мерките цените на храната се намалувале. Оттука, оценетиот ефект е релативно голем.
„Меѓутоа, тој ефект се разводнува по првиот месец од примената на мерката (кога таа траела подолго од еден месец). Ова покажува дека додека мерките извршуваат најсилен очекуван ефект на намалување на цените на храната во првиот месец, тој ефект брзо се намалува веројатно заради прилагодувања на пазарната динамика (на пример, кај цени на алтернативни производи кои не се предмет на мерката)“, велат од Институтот.
Најновите статистички податоци покажаа дека трошоците за живот растат, цените на производите речиси секојдневно се менуваат, а нагорниот тренд го следи и инфлацијата. Државиот завод за статистика посочува дека трошоците на животот во 2024 година, во однос на 2023 година, се зголемиле за 3.5 %, а цените на мало имаат пораст од 3.8 %.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак денозиве изрази уверување дека „2024 година ќе ја завршиме со 3,5 отсто инфлација, а годинава треба да биде добра на економски план“.
Кој е следниот чекор на Владата?
И Владата засега не размислува за ограничување на цените. Со цел заштита на стандардот на граѓаните, беше донесена одлука за воведување на Новогодишна кошничка од 15 декември до 15 јануари, која опфаќа повеќе од 600 производи и со која се очекуваше намалување на цените за 10 и повеќе проценти. Мерката е на сила уште пет дена.
„Цените на прехранбените производи се следат и ако е потребно ќе интервенираме со нивно ограничување, иако тоа не сакаме да го сториме“, изјави деновиве премиерот Христијан Мицкоски.
Во периодот од 2021 до 2024 година, Северна Македонија се соочи со значителен раст на инфлацијата, предизвикан од повеќе фактори. Нарушувањата во синџирите на снабдување и притисоците на одделни пазари (како тој на масло за јадење), предизвикаа ценовни притисоци уште во втората половина од 2021. Но, главниот удар врз цените, според Фајнанс тинк, дојде по почетокот на Руската инвазија врз Украина кон крајот на февруари 2022, настан кој предизвика тектонски геополитички и економски поместувања. Тоа имаше силен одраз врз растот на цените на енергенсите и основните суровини.
Во одговор на овој инфлациски притисок, Владата воведе низа мерки за ублажување на негативните последици по потрошувачката и животниот стандард на населението. Преземените мерки во периодот 2021-2024 година се однесуваат на замрзнување на цените на одредени основни производи и ограничување на трговските маржи, со цел да се спречи натамошно покачување на цените. Донесени беа вкупно девет основни одлуки до декември 2024, од кои три се однесуваат на ограничување на маржите, а останатите на ограничување на цените. Дел од нив се однесуваат на одредени производи од групата храна, а дел покриваат поширока палета производи од храна.
DW