Пластичниот прибор за јадење и чиниите за еднократна употреба ќе бидат забранети во Англија како дел од мерките за справување со климатските промени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Оваа одлука е донесена по консултациите од страна на Одделот за животна средина, храна и рурални прашања (Defra), што се одржаа од ноември 2021 до февруари 2022 година.
„На пластична виљушка ѝ требаат 200 години за да се распадне, тоа се два века на депонија или загадувајќи ги нашите океани“, изјави британската секретарка за животна средина Тереза Кофи за „Мејл он Сандеј“.
„Решена сум да поттикнам акција за директно справување со ова прашање. Веќе презедовме големи чекори во последниве години, но знаеме дека има уште многу да се направи и повторно ги послушавме повиците на јавноста“, рече Кофи.
„Оваа нова забрана ќе има огромно влијание за запирање на загадувањето од милијарди парчиња пластика и за заштитата на природната средина за идните генерации“, додаде таа.
Одговорот на консултациите за предлозите за забрана на најчесто употребуваните пластични предмети за еднократна употреба во Англија се очекува да биде објавен в сабота.
Слични забрани веќе се воведени во Шкотска и Велс.
извор:Агенција Анадолија (АА).