Анкета „Конрад Аденауер“: 57% од граѓаните против францускиот предлог – 50% против Преспанскиот Договор

Вкупно 57,1 отсто од граѓаните се изјасниле дека се против „францускиот предлог“, што беше предуслов за тргнување на ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, наспроти 27,2 отсто кои истиот го прифаќаат, што претставува разлика од приближно 30 отсто во корист на противниците на овој документ, покажува најновото истражување спроведено од фондацијата „Конрад Аденауер“ во рамки на публикацијата „30 години надворешна политика и одбрана“.

Според истражувањето, македонско-бугарските односи се на едно долно рамниште, што може да има негативен одраз и врз квалитетот на елементарна комуникација помеѓу институциите и општествата на двете држави.

Во однос на поддршката кон НАТО и ЕУ, 64,2 отсто од испитаниците го поддржуваат членството на Македонија во НАТО, што претставува сооднос од 2:1 во прилог на поддржувачите. Исто така, 56,2 процент од испитаниците сметаат дека со зачленувањето во НАТО, Македонија е побезбедна и постабилна, покажува истражувањето.

За членството на Македонија во ЕУ се изјасниле 63,8 проценти. Овој процент, наведуваат од Фондацијата, иако е сé уште многу висок, видливи се јасни негативни трендови споредено со првите две децении од независноста.

Кумулативно, 40,2 отсто од испитаниците причината за неуспехот на државата за членство во ЕУ ја наоѓаат во домашните слабости наспроти 19,2 проценти кои причините ги наоѓаат во надворешните фактори.

Најпозитивни впечатоци испитаниците имаат за квалитетот на меѓусебните односи на Македонија со Турција, со 71,6 отсто, со Србија – 68,6 проценти и со Германија – 64,3 отсто.

Најнегативни впечатоци има за меѓудржавните релации со Русија и со Бугарија за кои 59,3 отсто, односно 52,5 отсто од испитаниците сметаат дека имаат лоши билатерални односи со Македонија.

Вкупно 45.6 отсто од испитаниците сметаат дека изминатите три децении Македонија не успеа да изгради професионална дипломатска служба (наспроти 21,8 отсто кои имаат спротивното мислење). Од друга страна, пак, 57,8 отсто од испитаниците позитивно ја оценуваат улогата и достигнувањата на Армијата (наспроти 24,7 отсто кои имаат спротивно мислење). Заклучокот е дека видливо е поголема довербата во Армијата и во институциите задолжени за одбраната споредено со дипломатската служба.

Во однос на водењето на надворешната политика и одбраната, од сите претседатели на државата, на скалата од 1 до 5 испитаниците највисоко го оценуваат вториот претседател, Борис Трајковски кој има средна оценка 4.28. Првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров има средна оценка од 4.1, третиот претседател Бранко Црвенковски е оценет со 3.02, средната оценка на четвртиот претседател на државата, Ѓорге Иванов е 3.11, додека актуелниот претседател Стево Пендаровски има средна оценка 2.81.

Во однос на Грција, 36.5 отсто од испитаниците изјавуваат дека го поддржуваат Преспанскиот договор. 30,6 проценти од испитаниците сметаат дека после надминувањето на спорот со името македонско-грчките односи имаат видливо подобрување, а 30 отсто сметаат дека решавањето на спорот со името има позитивно влијание и врз одлуката на Вселенската патријаршија за признавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА, на 9 мај 2022 година. Македонско-грчките односи се карактеризираат со една позитивна динамика иако сé уште постои изразена воздржаност.

Вкупно 64,6 отсто од испитаниците сметаат дека Германија е силен политички поддржувач и сојузник, а 66,6 проценти дека е и важен економски партнер на Македонија. Германија заедно со САД се два покарактеристични примери за една континуирана, стабилна доверба во однос на квалитетот на односите што овие земји ги имаат со Македонија.

Во однос на перцепциите за тоа која држава е најголем сојузник на Македонија, 37,4 отсто сметаат дека тоа е Србија, 24,1 отсто немаат одговор, додека 19,8 отсто сметаат дека тоа се САД. Подолу на табелата на држави-сојузници се наоѓа и Турција (5,8 отсто) и Германија за која 5,4 отсто од испитаниците сметаат дека се најголеми пријатели на Македонија.

Во однос на тоа која држава е најголем непријател на Македонија, 44 проценти од испитаниците сметаат дека е Бугарија, додека 12,1 отсто дека е Русија.

Вкупно 50,4 отсто од испитаниците сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива, додека 26,2 отсто сметаат дека е оправдана и прифатлива, што претставува сооднос од 2:1 во однос на првата група.

Од испитаниците 65,7 отсто го поддржуваат проектот „Отворен Балкан“, додека 15 отсто не го поддржуваат, што значи дека за 50,7 отсто е поголем бројот на испитаниците што ја поддржуваат оваа форма на поблиска соработка помеѓу Македонија, Албанија и Србија.

На прашањето кога сметате дека Македонија ќе се зачлени во ЕУ, 28 отсто од испитаниците изјавиле дека тоа нема да се случи никогаш, што претставува најбројната група, додека 23,7 отсто својот песимизам го манифестирале преку одговорот дека не знаат кога ќе се случи тоа, односно дека немаат одговор. Наспроти овие групи се наоѓаат пооптимистичките испитаници. Така, 7,4 отсто изјавиле дека членството на државата во ЕУ ќе се случи за 20 и повеќе години, 10,4 отсто за 10-20 години, 15,5 отсто за 10 години и 13 отсто за пет години. Од одговорите на испитаниците видлив е длабок песимизам за членството на Македонија во ЕУ, како и за брзината на остварувањето на оваа стратешка цел.

– Надминувањето на билатералните пречки и отворањето на една јасна перспектива за динамична интеграција на Македонија без дополнителен застој, извесно е дека ќе резултира и со корегирање на впечатоците на граѓаните во позитивна смисла во однос на самата Унија, како и во однос на времето на зачленување, стои во документот.

Публикацијата е составена од теоретска анализа и од испитување на јавното мислење и има за цел да фрли дополнително светло врз овие два аспекта од најновата историја на државата. Испитувањето на јавното мислење е спроведено во август годинава. Опфатени се 1111 испитаници, со задржување на генералниот сооднос во поглед на базичните демографски карактеристики (пол, возраст над 18 години, етничка припадност, професија и образование), со истовремено почитување на соодветната географска балансираност.

Извор: „Конрад Аденауер“