Антонио Пандовски од Прилеп годинава ќе се обиде да ја исполни својата најголема животна желба – со трчање и пешачење да стигне од Ниш до Манастирот Свети Василиј Острошки во Црна Гора. Овој подвиг има благородна и хумана цел, бидејќи Антонио сака да го посвети на своите родители, кои не се живи, но и да собере средства за деца кои боледуваат од канцер.
„Сакам со вас да ја споделам мојата најголема животна желба – трчање и пешачење до Манастир Острог во чест на моите родители. Овој подвиг сакам да го реализирам во јули, доколку сè оди по план. Покрај тоа, сакам ова да биде хуманитарен подвиг, за собирање средства за децата кои се борат со канцер. Ајде сите заедно да покажеме дека сме хумана држава,“ напиша Антонио на својот Фејсбук профил.
Тој апелира за поддршка од фондации, општествено одговорни компании, како и од поединци кои сакаат да му помогнат во организацијата на овој предизвик. Антонио посебно нагласува дека бара велосипедисти кои би можеле да го придружуваат за време на подвигот и да му помогнат при логистиката.
Дополнителни детали за проектот и начинот на поддршка ќе бидат објавени наскоро. Антонио повикува на заедништво и хуманост, со надеж дека ќе се овозможи подобар живот за најмладите кои се соочуваат со тешки здравствени предизвици.