Остануваат исти затворските казни за тројцата осудени за убиство на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој играше за македонски клубови, одлучи Апелацискиот суд Скопје.
Промена има само во износот на парите што како нематеријална штета треба да му се исплати на семејството на ракометарот.
Во соопштението на Апелација стои дека тројцата осудени, солидарно треба да и платат 65 илјади евра на мајката на ракометарот, ист таков износ и на таткото, а братот на Тот, треба да добие околу 48 илјади евра.
Пресудата за убиството на ракометарот, беше донесена во ноември 2022 и тројцата осудени добија вкупна казна од 52 години затвор.
Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска кои добија казна затвор од по 18 години, додека на обвинетиот Андреј Костовски му беше изречена казна од 16 години затвор за сторено кривично дело „убиство“.
Тие се осудени за убиство на ракометарот Денис Тот, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, на 7 април 2022.
Според обвинителниот акт, Ѓорѓиевски, Левковска и Костовски, на 7 април по кратка расправија го нападнале Тот и му задале повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај него најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал.
slobodnaevropa.mk