Оваа година Албанија ја одбележува 112-годишнината од создавањето на Вооружените сили, откако на 4 декември 1912 година беше формирана Албанската национална армија, која помина низ неколку фази на трансформација во различни историски периоди.
Членството на Албанија во НАТО во април 2009 година донесе и трансформација на Вооружените сили во попрофесионална армија, составена од илјадници членови, воен и цивилен персонал.
Дел од оваа трансформација е и вклучувањето на жените во Армијата, при што жените во моментов сочинуваат над 20 проценти од воениот и цивилниот персонал. Во последниве години, жените во Вооружените сили на Албанија беа вклучени во раководни позиции, но тие се истакнаа и на други позиции во Армијата.
Армела Мурати стана дел од историјата на Вооружените сили на Албанија како првата жена пилот и актуелно служи во воздухопловната база „Фарка“ во Тирана. 28-годишната Мурати, која има чин поручник, веќе четири години е дел од албанската Армија, вклучувајќи и две години како сертифициран пилот.
За Анадолу, Мурати вели дека желбата да служи војска, особено во воздухопловството, е наследена од нејзиното семејство.
„На 1 септември 2020 година станав дел од Вооружените сили. Желбата да бидам дел од Армијата доаѓа од моето семејство, бидејќи потекнувам од воено семејство. Желбата ја наследив од татко ми, кој долги години служел во Вооружените сили, и еве ме денес во униформа“, рече Мурати.
Во септември 2022 година, по курсот и обуката во земјата и странство, Армела Мурати стана сертифициран пилот на воен хеликоптер.
Додека зад неа стои хеликоптерот „Блек хоук“ на албанската Армија кој од неодамна се користи заедно со другите хеликоптери, таа нагласува дека да се биде дел од воздухопловните сили, особено како пилот, за неа е прилично голема привилегија.
„Да се биде дел од Вооружените сили не е лесно, но тоа е чест и гордост. Навистина сакам да одам што подалеку во оваа професија и да стигнам што е можно повисоко. Јас тргнав по мојата насока, навистина сакам да се развивам што е можно повеќе, да станам оперативна и да извршувам различни задачи што ги извршуваат воздухопловните сили“, вели таа.
Еден од посебните и највозбудливи моменти на нејзината посветеност како пилот е и пилотирањето на хеликоптерот сама (соло лет), процес кој го одредил продолжетокот на нејзината кариера како пилот.
„Тоа е лет низ кој секој пилот мора да помине за да докаже и покаже дека може да управува со хеликоптер дури и сам. Тоа беше еден ден полн со емоции, славевме потоа“, раскажува со возбуда Мурати.
Таа нагласува дека обуката за пилот никогаш не завршува.
„Ние како млади пилоти сè уште сме во фаза на обука. Воздухопловните сили и пилотите се обучени да ѝ служат на земјата во добри и во лоши времиња. Некои од задачите и обуките кои ги имаме се за пожари, поплави, пребарување-спасување, транспорт на припадници и многу други задачи што ги бара државата“, вели Мурати.
Таа објаснува дека сите задачи кои се извршуваат во воздухопловните сили бараат многу посветеност. Потенцирајќи дека историјата покажала дека девојките можат да бидат еднакви со мажите во многу области од животот, Армела Мурати ги повикува младите да работат напорно за да ги остварат своите соништа и цели во животот.