Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски ќе треба да плати казна од 90 илјади евра поради непрописно одлагање на наталожениот отпад пред депонијата „Дрисла“, собран од улиците во неговата општина.
„Согласно последните случувања поврзани со отпадот и денешната информација дека е пишана казна за градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во вредност од речиси 90 000 евра поради непрописно одлагање на наталожениот отпад собран од улиците во општина Кисела Вода, утре, среда, 12.07.2023 год., со почеток во 12:00 часот, во просториите на Општина Кисела Вода, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ќе одржи прес конференција“, информираат од Општина Кисела Вода.
Во неделата, додека се уште траеше бунтот во скопска „Комунална хигиена“, дел од градоначалниците во главниот град се организираа и сами го собираа сметот по улиците, носејќи го пред депонијта Дрисла. Ѓорѓиевски и градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски појаснија дека долго време се обидувале да дојдат до одговорните во „Дрисла“, за да може, како што велат, да го положат сметот во депонијата, за што уредно плаќаат.
Откако по повеќе од еден час не успеаја во намерата, укажаа дека имаат две опции – или да го вратат во Скопје на улиците или да го остават пред Дрисла. Ја избраа втората, по што отпадот беше истурен пред оградата. Вработените на депонијата добиле наредба да се пуштаат само на камиони од претпријатијата на Град Скопје.