Артан Груби не поседува албанско државјанство, ниту постои запис во албанскиот службен весник кој би потврдил дека го добил, објави истражувачката мрежа БИРН. Потврда за оваа информација е добиена од кабинетот на претседателот на Албанија.
„Артан Груби нема албанско државјанство,“ изјави Арта Сакја, советничка за медиуми на претседателот на Албанија.
Во последните денови се засилија шпекулациите дека Груби се крие во близина на Драч, додека тој повеќе од десет дена е недостапен за полицијата. Се верува дека ја напуштил државата ден пред извршениот претрес во неговиот дом.
На 17 декември, Кривичниот суд му одреди мерка притвор од 30 дена, по што Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница. Барањето на неговиот адвокат, Владимир Доневски, за укинување на притворот беше одбиено.
Истрагата против Груби, која е поврзана со злоупотреби во Државната лотарија, е покрената откако тој беше ставен на црната листа на САД, заедно со судијата Енвер Беџети, поради сомнежи за инволвираност во коруптивни активности.