Атина има „оружје“ против тактиките на Скопје

Атина има оружје со кое ќе регира на тактиктата на македонското раководство за различно именување на РСМ, најави од Вашингтон грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, но тој засега не го открива оружјето.

„Грција во овој момент нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на евентуалната упорност на раководството на соседната земја во оваа тактика“, рече Мицотакис на прес-конференцијата на маргините на самитот на НАТО во Вашингтон.

На прашањето дали Грција размислува да ги искористи одредбите од членот 19 од Договорот од Преспа (за решавање спорови), бидејќи премиерот на Северна Македонија не го почитувал Договорот од Преспа во однос на употребата на уставното име на државата, Мицотакис потсети дека веќе ги информирал колегите за тоа.

„Имав можност да ги информирам моите колеги за фактот дека премиерот на Северна Македонија избра да не спроведе клучен член од Договорот во однос на употребата на нејзиното уставно име ерга омнес. Тој својата земја ја нарекува „Република Македонија“ во рамки на нејзините граници, што е изрично забрането со договорот. Секако, сакам да истакнам дека во просторијата, во присуство на сите лидери на НАТО, тој не ја следеше оваа тактика и го користеше уставното име на својата земја. Оттаму, мислам дека вака или онака, раководството на соседната земја ќе сфати дека таа тактика е целосно контрапродуктивна“, изјави Мицотакис.

РСМ да преземе чекори кон европски пристап
Грчкиот премиер пред новинарите повтори дека договорите мора да се почитуваат и оти тоа јасно го нагласил на Самитот на НАТО.

„Тоа е нешто што мислам дека го разбираат сите наши сојузници. Сакаме Северна Македонија да преземе чекори кон европски пристап, но тоа претпоставува почитување на меѓународното право и почитување на договорите што земјата ги има потпишано. Верувам дека, вака или онака, тоа е нешто што раководството на Скопје ќе го реализира. Во секој случај, Грција во овој момент нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на евентуалната упорност на раководството на соседната земја во оваа тактика“, изјави Мицотакис.

На прашањето дали имало дискусија, макар и „од нога“ за грчките национални прашања со американскиот претседател Џо Бајден и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, Мицотакис одговори дека секогаш на маргините на самити има можност да се разговара макар и накратко за прашања што ја засегаат земјата.

„Го потврдивме одличното ниво на грчко-американските односи и разговаравме за некои заеднички предизвици и прашањата што нè засегаат во поширокиот балкански регион“, одговори Мицотакис.

 

DW