Обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски на средбите во Њу Џерси, при посетата на САД, предизвика остри реакции во Грција. Официјална Атина толкува дека изјавите на Мицкоски алудирале дека Скопје не го смета за решен спорот за името со Грција. Според грчкото МНР, Мицкоски се обидува „да го врати на преден план прашањето кое, како што сите знаеме, еднаш засекогаш е решено“.
„Грција потсетува дека за дополнителниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседната земја предуслов е целосното почитување на Договорот од Преспа и секако воздржување од иредентистички декларации и претензии кон соседните земји“, се вели во соопштението од грчкото МНР.
На што реагира Атина?
Реакцијата од грчкото МНР следи по изјавата на Мицкоски, кој за време на посетата на САД присуствуваше на одбележувањето на 30 годишниот јубилеј од постоењето на црквата „Свети Никола“, на коj присуствуваа и бројни македонски иселеници.
Во своето обраќање, тој истакна дека овие седум месеци откако е избрана Владата, таа ја води борбата дома за подобра инфраструктура, подобро здравство, поквалитетно образование, конкурентна економија и дека таа борба ќе продолжи и нема да запре.
„Македонското прашање треба конечно да добие разврска“
„Но, таа борба за македонскиот народ се плашам дека не е доволна, дека ќе треба да победуваме и тука во Вашингтон и во Њујорк и во Брисел и во Берлин и во Лондон и во Париз и во Рим и во други светски метрополи, ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сѐ уште постои“, рече Мицкоски.
Затоа, додава тој, е многу важно оваа врска којашто ја има татковината со Македонците надвор од татковината да продолжи да функционира да се засили, да биде уште посилна. „Нема посилна потврда од македонскиот идентитет ако има повеќе Македончиња, без разлика дали тие се родени во Македонија или надвор од Македонија, бидејќи на тој начин се брани нацијата и македонскиот идентитет, со потомство“, вели Мицкоски.
„Сакам да испратам една порака дека ќе направиме како Влада сѐ што можеме и правиме сѐ што можеме и правиме и повеќе од што можеме за да вратиме дел од тоа загубено време и дел од тоа загубено достоинство за да можете вие да кажете дека повторно Македонија е ваша и повторно ќе бидете горди Македонци. Тоа е нашата цел и тоа е нашата инспирација зошто се нафатиме како генерација да ја работиме оваа работа. Бидете сигурни дека ќе го вложиме секој атом енергија да работиме само за интересот на татковината и на граѓаните“, им порача премиерот Мицкоски на присутните.
Оваа изјава Грција ја поврзува со Договорот од Преспа којшто двете земји го потпишаа во 2018 година, со којшто се стави крај на деценискиот спор за името. По преземањето на функцијата, македонскиот државен врв најави дека ќе ги почитува меѓунардните договори склучени во Грција и Бугарија, но за домашна употреба премиерот Христијан Мицкоски продолжи да го користи името Македонија, место уставното име – Северна Македонија.
DW