„Безбеден град“ стартува во 2026, над 18.000 казни за прекршоци во февруари

Системот „Безбеден град“ ќе почне да функционира од 1 јануари 2026 година, а првите казни за сообраќајни прекршоци ќе се изрекуваат од истиот датум. Пред тоа, возачите ќе добиваат предупредувања за направените прекршоци. За целосна имплементација на системот, потребни се измени во пет закони, кои до крајот на април треба да бидат доставени до Собранието.

Дел од проектот ќе бидат и возила со паметни камери што ќе регистрираат прекршоци како неправилно паркирање.

Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, новите мерки веќе даваат резултати – во последните десет дена бројот на сообраќајни незгоди се намалил за 30 проценти, а незгодите со жртви за 60 проценти.

МВР објави дека од 1 до 20 февруари се изречени 18.132 казни за прекршоци во сообраќајот. Најчести прекршоци биле пречекорување на брзината (6.056), неправилно паркирање (4.213) и управување возило без возачка дозвола (1.510).

Министерството за правда работи на законски измени за забрзани прекршочни постапки, а прекршочните налози ќе се испраќаат електронски. Според УНДП, проектот е во согласност со глобалните цели за безбедност и треба да помогне во намалување на бројот на сообраќајни несреќи.

 

 

slobodnaevropa.mk