Белата куќа: Кина се соочува со царини до 245 отсто поради возвратните мерки

 Соединетите Американски Држави (САД) објавија дека Кина сега се соочува со нови царини до 245 отсто како резултат на мерките што таа ги возврати, се вели во соопштението на Белата куќа доцна синоќа, јавува Анадолу.

Националната безбедносна истрага за увоз на витални ресурси е започната со најновата административна наредба на Белата куќа, што беше објавена доцна синоќа. Наредбата вклучуваше и објаснувања за реципрочните царини објавени на 2 април.

„Кина сега се соочува со до 245 отсто царина за увоз на своите производи во САД поради возвраќањето на мерките“, се наведува во соопштението.

„Уште на првиот ден од својот мандат, претседателот Трамп ја започна својата политика ‘Америка на прво место’ со цел повторно да ја направи американската економија голема“, додаваат од Белата куќа.

„Повеќе од 75 земји веќе стапија во контакт со цел да разговараат за нови трговски договори. Поради тоа, зголемените поединечни царини моментално се ставени во мирување додека траат овие разговори, освен за Кина, која возврати со свои мерки“, се вели во соопштението.

Се посочува дека пред неколку месеци Кина забранила извоз на галиум, германиум, антимон и други клучни материјали со можни воени апликации кон САД.

„Само оваа недела, Кина го суспендираше извозот на шест тешки ретки земјени метали, како и ретки земјени магнети, со цел да го блокира снабдувањето со компоненти кои се клучни за автомобилската индустрија, производителите на авионска опрема, компаниите за производство на полупроводници и воените изведувачи низ светот“, се додава во соопштението.

Иако не е прецизирана точната стапка на царината што ќе ја плаќа Кина, Белата куќа нагласува дека таа може да достигне и до 245 отсто.

Минатиот петок, Кина ги зголеми царините за американските производи на 125 отсто, како одговор на потегот на Трамп, кој ги зголеми царините за кинеските производи на 145 отсто и истовремено стави 90-дневен мораториум на планираните царини за увоз на стоки од други земји.

 

извор:АНАДОЛИЈА