Во духот на заедничарењето и на благодарноста, ни претставува особена радост што одново имаме можност ретроспективно да ви го претставиме нашето годишно патување низ 2024 лето Спасителово. Работејќи смирено над нивата Господова, со трпение, вера и молитва, ја испраќаме минатата година со повеќе значајни настани – сведоци на еден добар подвиг, залагање и посветеност, со цел духовно возрастување на Црквата Божја. Од свештени богослуженија до значајни културни собири, секој настан беше празник на духовноста и на заедништвото, сведок на нашата заедничка мисија и соработка во љубовта Христова.
Под небесна закрила и водство на Свети Јован Крстител, неуморниот заштитник на нашиот Манастир, и со благословот на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со огромна благодарност и надеж за светлата иднина, го започнуваме новото Лето на благоста Господова. Се молиме за благословена година, исполнета со духовен раст, љубов и радост во Христа Господа. Ви благодариме што сте дел од нашата поширока заедница и ви посакуваме благословено духовно патување и растење во новата година.
Со благослов и почит, ве покануваме да продолжите да нѐ следите и да останете поврзани со нас низ настаните и миговите на молитвено заедничарење и годината што настапува. Нека ни е благословено новото 2025 Лето Господово, носејќи радост и мир во Христа и духовно обогатување во нашите срца. Амин.
1. Величествен Божикен и Новогодишен мјузикл во Кичево
во светлата и серадосна ноќ, голем број љубители на културната и духовна традиција се собраа на сцената во Центарот за култура на град Кичево „Кочо Рацин“, каде што втора година по ред, во организација на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, се одржува Божикниот и Новогодишен концерт. Членовите на истакнатиот кичевски хор, како и музичарите од составот „Мерак Чалгии“, заедно со уште многумина млади музичари од насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, повторно успеаја да ни ја пренесат длабоката празнична смисла која извира од православната традиција.
2. Триумфалниот пречек на Христовиот Победоносец во Рајчица
Во Манастирот на славниот Победоносец ни пристигна верна изобразба од познатиот молдавски чудотворен образ на Светиот Георгиј Победоносец, кој се чува во Зографскиот светогорски манастир. Нејзиното пристигање трајно го запечати и Богородичниот атонски благослов за Рајчица, но и за целата држава, бидејќи претходно таа беше осветена на Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф.
3. Промоција на книгата: „Само љубов шириш, Христе“
о атмосфера на непосредна радост и чисти пасхални восклици, изразени низ детска насмевка и задоволство, во текот на вчерашниот неделен ден помина промоцијата на Велигденската збирка песни за деца, насловена како: „Само љубов шириш, Христе“.
4. Документарниот филм за Бигорски доби престижна награда
Документарниот филм за Бигорски „1000 години – Сведок на Светлината“, во режија на нашиот драг пријател и соработник г. Илија Ико Каров, освои награда за најдобра музика на интернационалниот филмски фестивал „History“, кој оваа година се одржа во градот Аспарн, Австрија. „Најголемата заслуга за ова признание е кон македонскиот композитор Горан Трајковски, кого го препознаваме под уметничкото име Готра.
5.Света Литургија во Долнодримколскиот Манастир на Св. Арх. Гавриил
Древниот Долнодримколски Манастир, за чиешто оживување, по желбата и молитвите на нашиот почитуван архипастир, Митрополитот г. Тимотеј, нашите монашки заедници, на чело со возљубениот ни Старец, Епископот г. Партениј, со особена љубов и жртва се посветија за негово заживување. Имено, денес, по цели осумдесет години запустеност, манастирот на Светиот Архангел Гавриил во Долни Дримкол заживеа со Света и Божествена Литургија, на која чиноначалствуваше нашиот Преосветениот Антаниски.
6. Празникот на Сечесното Успение во Имврос
Со благослов на нашиот возљубен Високопреосвештен Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, нашиот почитуван Старец, Епископ г. Партениј, заедно со дел од братството и сестринството, неколку дена се наоѓа на егејскиот остров Имврос, денешен Gökçeada, Република Турција, за со неизмерна радост и молитвена преданост да учествува во прославата на сечесното Успение на Пресветата Владичица наша Богородица. Среде овој осветен остров, каде што милоста и благодатта на Мајката Божја ги прегрнуваат сите присутни, Старецот и нашата монашка заедница ги воздигнуваат своите молитви кон милостивата Мајка за заштита и духовно укрепување на целиот наш народ и на сиот род христијански.
7. Тројца нови монаси во прегратките на Христовата љубов
Во навечерието на празникот Усекновение на Чесниот Претеча и Крстител Јован, на Вечерната богослужба, нашиот драг монахољубив пименарх, Високопреосвештениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, со своите татковски пастирски раце го изврши свештениот чин на монашки постриг на нашите браќа: Јајка Силккола од Куопио, Финска, Деан Божинов од Радовиш и Оливер Марковски од Куманово, кои доброволно го понесоа на себе крстот на самозаборав заради Христа и ги положија пред земската и небесната Црква вечните завети за доброволно послушание, нестекнување и целомудрие, добивајќи ги новите монашки имиња: Елисеј, Пантелејмон и Евстатиј, соодветно.
8. Манастирот Пречиста се украси со уште една Христова монахиња
Во атмосфера на свештен трепет и на длабоко духовно ликување, вчеравечер во Свештената Обител Пречиста Кичевска, на вечерната богослужба се одвиваше еден од највеличествените моменти во животот на нашата монашка заедница – монашењето на нашата сестра Душица Будиноска од Струга, која го доби својот нов монашки идентитет пред Бога и пред луѓето, понесувајќи го достоинствено името на Светата рамноапостолна Христова првомаченица Текла.
9. Трибина во Дебар за семејството како основа на соживот и општествени вредности
Градот Дебар беше домаќин на првата Трибина која се одржа во рамки на проектот за поддршка на соживотот во регионот, чијшто носител е Здружението за заштита и негување на културните вредности „Рајчица“. Овој значаен мултикултурен и мултирелигиски проект се случува по идеја и со благослов на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, а е одобрен и поддржан од страна на Општина Дебар.
10. Последното испраќање на дедо Тимотеј
Народот Божји со голема тага поради привремената разделба и со силна надеж за повторно соединување во вечноста, се прости со од еден од своите црковни пастири, митрополитот Дебарско-Кичевски Тимотеј. Неговото чесно тело беше погребано зад јужната апсида од олтарот на свештениот храм на Светите Климент Охридски и Пантелејмон Чудотворец на Плаошник, каде што ќе почива покрај нашиот голем рамноапостолен Светија. Погребението беше сведоштво за животот на човек кој својата епархија и Црквата ја облагороди со долгогодишна посветеност, градителство и пастирска грижа. Повеќе
Со радост и љубов, ви ја честитаме Новата 2025 Година со каландата – „Почнува Нова Година“, изведена од хорот по источно православно пеење „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, во Свештената Бигорска Обител пред Старецот и владика г. Партениј.
Послушајте ја песната и дозволете нејзиниот мелодичен призив за добродетели, љубов и мир да го украси вашиот дом во ова ново лето Господово. Нека ни биде благословена Новата Година!