Во својот 11-ти разговор со корисниците на Reddit, основачот на Microsoft, Бил Гејтс, одговараше на прашања и даде неколку интересни одговори.
Дали може да има етички милијардери?
Како одговор на прашањето на корисникот mspalandas, дали може да има етички милијардери, Бил смета дека тој е еден од нив: „Да се биде богат значи дека лесно можеш да го изгубиш контактот со реалноста. Мислам дека стимулот за создавање нови компании сè уште е добра работа. Дури и да се зголемат даноците, не би забранил никому да вреди милијарда, но тоа е само едно мислење. Имав многу среќа“.
Последен пат кога одговараше на прашања од корисниците на Reddit, Гејтс изненади многумина со изјавата дека не користи Microsoft Surface Duo или iPhone, туку се потпира на Samsung Z Fold3 за сите задачи во движење. Меѓутоа, ситуацијата во меѓувреме се промени – милијардерот сега тврди дека првиот човек на компанијата Samsung, Ли Џеј Јонг, на состанок во Јужна Кореја му подарил Samsung Z Fold4, со кој го заменил својот стар модел.
Меѓутоа, кога станува збор за компјутерите, Гејтс користи неименуван лаптоп Windows кога е во движење и се потпира на своето Surface Studio за сè друго.
Која е следната голема работа?
Еден корисник го потсети Гејтс дека долго време предвидува што ќе ни донесе интернетот, па го интересираше која технологија според него е следната голема работа. Милијардерот одговори дека се работи за вештачка интелигенција.
„Не мислам дека идејата за Web3 е толку голема или дека работите околу метаверзумот се револуционерни, но вештачката интелигенција е прилично револуционерна.“
Зошто купува толку многу ниви?
Звучи неверојатно, но Бил Гејтс е најголемиот земјопоседник во САД. Со текот на годините, тој успеа да стане сопственик на над 110.000 хектари поле, па многумина ги заскокотка таа информација и со право се запрашаа зошто го прави тоа, а милијардерот одговори токму на ова прашање за време на сесијата на Reddit:
„Поседувам помалку од 1/4000 од обработливото земјиште во САД. Инвестирав во овие фарми за да ги направам попродуктивни и да создадам повеќе работни места. Тоа не е некоја голема идеја – всушност, овие одлуки се донесени од мојот професионален инвестициски тим“, објаснува Гејтс.
Зошто го интересираат здравството и вакцините?
Интересот на Гејтс за здравјето и вакцините привлече големо внимание, особено откако тој предвиде дека ќе се случи пандемија. Од каде тој интерес? Еве што вели милијардерот:
„Кога видов како умираат деца кои можеа да се спасат за помалку од 1.000 долари, знаев дека тоа мора да биде мојот главен приоритет. Речиси никој не финансираше истражувања за болести како маларијата, која во тоа време убиваше над милион деца годишно. Постигнавме напредок, па сега таа бројка е 400.000 – посветени сме да дојдеме до нула“, вели Гејтс.
Што би направиле поинаку?
Гејтс е свесен дека, гледано од дистанца, неговото време на чело на Microsoft можеше да биде уште поуспешно. На прашањето што би направил поинаку, основачот на Microsoft рече дека „сега знае многу работи што тогаш не ги знаел“, и дека ќе промени две работи – „работа на оперативен систем за паметни телефони (Android победи) и претходно, решавање на антимонополска тужба“.
infomax.mk