Гејтс никаде не вели дека сите треба или мора да пијат вода добиена на ваков начин. Оваа машина има повеќе бенефити и добивањето на питка вода е само еден од нив. Таа машина може да произведе електрична енергија, да произведе пепел, кој потоа може да се користи во асфалт за градење патишта и може да произведе вода за пиење или за други употреби, објави vistinomer.mk.
Пост на Фејсбук ја манипулира јавноста дека Бил Гејтс сега промовирал пиење вода од нужник, без притоа да даде соодветен контекст на информацијата.
Ненормалниот Бил,сега промовира пиење вода од нужникот…
Следното што е?
Јадење од нужник?
Постот споделува напис од сајтот Коловрт, познат по објавување содржини кои се занимаваат со разни теории на заговор. Написот информира дека:
Mилијардерот Бил Гејтс на својот профил на Linkedin по повод Светскиот ден на тоалетот, во саботата напиша дека еднаш пиел прочистена вода направена од фекална тиња, додека бил гостин на Џими Фалон.
Спротивно на наведеното во текстот, постот што го анализираме пренесува дека Гејтс сега промовира пиење вода од фекална тиња.
Но за што всушност станува збор?
Точно е дека Бил Гејтс пиел вода дестилирана од човечки измет, но не сега туку пред 7 години. Тој промовирал нова технологија којашто во иднина, доколку се развие доволно, би можела да помогне на одредени места, во некои земји, во решавање на проблемот со недостигот од вода за пиење.
Точно е дека Гејтс вложил пари во проектот Омнипроцесор, кој може човечкиот измет да го претвори во вода за пиење. Точно е дека Бил Гејтс самиот пробал вода направена од човечки измет, но тоа не значи дека тој промовирал вода за пиење од човечки измет, туку станува збор за промоцијата на нов проект која Гејтс ја направи во 2015 година.
Водата имаше сосема обичен вкус, идентичен како флашираната. Имајќи го предвид начинот на кој е создадена, со задоволство би ја пиел секој ден, напишал тогаш Гејтс на својот блог.
Тука не станува збор за промовирање на пиење вода од човечки измет или фекална тиња или отпадни води. Пробувањето, тестирањето на водата добиена од оваа машина е само демонстрација да се покаже дека таа машина може дури да произведе и вода за пиење, но не и дека ваквите машини ќе го решат проблемот со водата за пиење или дека треба сега секаде да се поставуваат и луѓето да пијат таква вода. Тоа што Бил Гејтс испил една чаша од оваа вода е само демонстрација, само потврда дека водата е дотолку прочистена што може да се пие. Но, од фактот што водата од оваа машина може да се пие до добивање на неопходните количества на вода за пиење на економичен и комерцијално прифатлив начин има голема разлика.
Од блогот на Гејтс може да се види дека оваа машина има повеќе бенефити и добивањето на питка вода е само еден од нив. Таа машина може да произведе електрична енергија, да произведе пепел, кој потоа може да се користи во асфалт за градење патишта и може да произведе вода за пиење или за други употреби. Но, никаде не се вели дека главна цел е добивање вода за пиење од фекалии, како што се добива впечаток од постот и од написот што ги реценираме.
Оваа машина е во фаза на тестирање. Барем била во 2015 година. Гејтс во блогот вели дека ќе треба години да се работи на неа. И може да испадне дека е неекономична. За нејзината употреба треба многу енергија зашто отпадните материи треба да се загреат на 1.000 степени, што значи дека троши многу струја која што на многу локации, особено онаму каде што има недостиг на питка вода, ја нема.
Ова е само едно можно решение за проблемот со управување на фекалиите на некои локации. И тоа е главната намена на оваа машина. И тоа е она што се промовира. Да се најде економичен начин да се отстрани фекалниот отпад за да не создава болести. А, не да се креира вода за пиење. И тоа не станува збор за решавање на проблемот со фекалии секаде, туку на одредени места каде што пречистителни станици за отпадни води би биле преголеми и непотребни, или прескапи, или зашто од некои причини ова решение е подобро. Тоа што имало демонстрација на тој сегмент на таа машина, дека креира дури и толку чиста вода која може да се пие, треба да привлече внимание.
Како работи Омнипроцесорот?
Омнипроцесорот го направила компанијата Јаницки биоенерџи од Сиетл, а работи така што човечкиот измет со помош на струја го претвора во вода. Компанијата направила пробен модел, а сега веќе работи на негово усовршување, информираа светските и домашните медиуми во 2015 година.
Развивачот на системот Омнипроцесор, Питер Јаницки, тогаш објасни дека прво се вари сировата „тиња од канализацијата“, при што водената пареа се одвојува од цврстите материи.
Тие цврсти материи потоа се ставаат во оган, создавајќи пареа што го придвижува моторот што произведува електрична енергија за процесорот на системот и за локалната заедница.
Водата се става низ систем за чистење за да се добие вода за пиење.
Од сето ова можеме да заклучиме дека на постот му недостига контекст. Никој не промовира „пиење вода од нужник“, туку нова технологија за обработка на отпадни води, нивно процесирање и обработување до ниво што еден од излезните елементи како резултат на таквиот процес е и вода која е погодна за пиење. Никаде не се вели дека сите треба или мора да пијат вода добиена на ваков начин. Оваа машина има повеќе бенефити и добивањето на питка вода е само еден од нив. Таа машина може да произведе електрична енергија, да произведе пепел, кој потоа може да се користи во асфалт за градење патишта и може да произведе вода за пиење или за други употреби.
извор: vistinomer.mk.