Биткоинот ќе ја спаси Русија од финансиските санкции

Почетниот удар на западните финансиски санкции против Русија не успеа да го одврати рускиот претседател Владимир Путин да започне инвазија на Украина.

Сега САД преземаат казнен пристап, најавувајќи уште една рунда санкции насочени кон притисок врз руските банки и „корумпираните милијардери“.

Но, некои експерти велат дека не е особено тешко да се избегнат овие мерки, кои досега не беа насочени кон самиот Путин, делумно благодарение на прифаќањето на криптовалутите од страна на Русија, пишува Си-ен-ен.

Санкциите на САД и ЕУ во голема мера се потпираат на банките за да ги спроведат. Ако санкционирана компанија или поединец сака да изврши трансакција деноминирана во традиционални валути како што се долари или евра, банката е должна да ги означи и блокира тие трансакции.

Но, дигиталните валути работат надвор од доменот на стандардното глобално банкарство, со трансакции евидентирани во јавна финансиска евиденција позната како „блокчејн“.

„Ако Русите решат, а јас сум сигурен дека веќе го прават тоа, да избегнат користење на која било валута освен криптовалутите, тие можат ефективно да ги избегнат речиси сите санкции“, вели Рос С. Делстон, експерт за спречување на перење пари.

Министерството за финансии на САД е свесно за овој проблем. Во извештајот oд октомври минатата година, американските власти предупредија дека дигиталните валути потенцијално ја намалуваат ефективноста на американските санкции дозволувајќи им на санкционираните страни да држат и префрлаат средства надвор од традиционалниот финансиски систем.

„Свесни сме за ризикот дека овие дигитални средства и платежни системи можат да и наштетат на ефективноста на нашите санкции“, се вели во извештајот.

Конкретни докази не треба да се бараат подалеку од Источна Европа, која има една од највисоките стапки на трансакции со криптовалути поврзани со криминални активности, покажува студија на Chainalysis. Веб-страниците кои се користат за нелегални тргувања познати како даркнет пазари донеле рекордни 1,7 милијарди долари во криптовалути во 2020 година, главно во биткоин.

 

извор/фото: агенции