Блок 3 на РЕК Битола ставен во функција

Блок 3 на РЕК Битола е ставен во функција. Вчера попладне, во 17:35 часот блокот е синхронизиран со македонскиот електроенергетски систем и испорачува електрична енергија. Монтажата на новиот трансформатор на блокот заврши успешно, но стручни лица од РЕК Битола и од производителот будно ја следат работата на постројката со цел повторното вклучување во системот да помине во најдобар ред, соопштија од АД ЕСМ.
Додаваат дека, блок 3 на РЕК Битола еповторно вклучен во работа после 366 дена откако во ноември 2021 година неговиот трансформатор беше оштетен во пожар предизвикан од надворешен фактор. Новиот трансформатор на Блок 3 го изработи турската компанија Астор. Во исто време, трансформаторот кој беше оштетен во пожарот, се наоѓа на репарација во специјализирана фабрика во Република Србија и се очекува наскоро и тој да пристигне во РЕК Битола каде ќе се чува како резерва за евентуални слични непријатни ситуации во иднина.
Со вклучувањето на Блок 3, РЕК Битола работи со полн капацитет. Последен пат комбинатот работел со сите три блока во грејната сезона 2019/2020 година, односно од февруари до март 2020 година, велат од ЕСМ.

извор: ЕСМ