Болеста која пејачката Јана Бурческа ја има од своето раѓање, ја наследила и нејзината ќерка Дона, која во октомври минатата година наполни една година.
Јана пати од атопичен дерматитис, хроничнo-воспалителна болест која се карактеризира со сува кожа, чешање и црвенило.
„Оваа болест имам од раѓање, а ја наследи и мојата ќеркичка, што значи имам искуство еден тон. Во времето кога јас сум била бебе, секако од она што ми кажувале моите родители, било исклучително тешко да се контролира состојбата поради недостигот на соодветни препарати. Среќна сум што денес има огромен избор на производи за нега на атопична кожа, тоа на некој начин ме успокојува кога станува збор за состојбата на Дона“, ни раскажа Јана.
За болеста, таа вели дека е навидум само надворешен проблем со естетски елемент, но сепак, атопискиот дерматитис може значително да го наруши квалитетот на живот.
„ Чешањето може да биде неподносливо, особено во текот на спиењето. Сум била во состојба кога кожата на рацете ми била толку сува и затегната што движењето на прстите ми се чинело невозможно. Замислете како овие симптоми ги поднесува едно бебе. За среќа, Дона досега немала толку агресивна форма како онаа што јас сум ја искусила и се надевам дека тоа нема да се случи“, оптимист е Бурческа.
Таа вели дека покрај симптимите за кои раскажува, поради оштетеноста на кожата и постојаното чешање дополнително се влошува воспалителната реакција. Имунолошкиот систем е во постојан дисбаланс, секоја бубачка која ќе слета на кожа во таква состојба може многу лесно се колонизира. Луѓето со атопија, додава пејачката, се подложни на алергии на храна, алергиски ринитис и други хронични заболувања како астма.
„ Во однос на превенција и терапија, многу е тешко да се “улови” и да се стави под контрола затоа што едноставно постојат премногу причинители. Исхрана, воздух, детергенти, средства за хигиена, дури и материјалите на облеката која ја носите, а секако и стресот. Да речеме дека внимавате на исхраната, сте ги отфрлиле производите кои што ја влошуваат состојбата на вашата кожа, меѓутоа ви пречи воздухот. Од таа причина заминувате на планина, но таму ви пречи детергентот кој го користи хотелот за одржување на постелнината. Ова ви предизвикува стрес – повторно резултатот е иритирана кожа. И така оди волшебниот круг. Генерално, треба да научиме како да го контролираме стресот, ова би се одразило на нашата општа здравствена состојба. Со текот на годините човек се учи да препознае што му годи, а што му пречи кога станува збор за атопискиот дерматитис. Во мојот случај, сум забележала дека внесот на пробиотици помага многу. Најмногу ми пречат јатки, како и црвени ситни овошки кои што ги избегнувам и во исхраната на Дона. Кожата кај атопичарите мора да е редовно хидрирана и чиста, третирана со внимателно одбрани производи за хигиена“, искрена е Бурческа за семејната болест.
Кога атопискиот дерматитис ќе ескалира до највисокиот степен, неизбежна е употреба на кортико- стероиди, понекогаш во комбинација со антибиотици, но ова исклучиво по препорака на доктор дерматолог. Со бебешката кожа, вели таа, мора да се биде особено внимателен затоа што по структурата се разликува од кожата на возрасен човек и различно ги прима локално аплицираните лекови. “Не употребувајте никакви лекови без советување со доктор“, советува Јана.
За крај, таа потенцира дека кожата е подеднакво функционален орган како и секој друг орган во човечкото тело, на пример бубрезите, белите дробови или срцето.
zenskimagazin.mk