Борел: НАТО не може да биде воен сојуз кој зависи од расположението на американскиот претседател

НАТО не може да биде воен сојуз кој зависи од расположението на американскиот претседател изјави денеска шефот за надворешни работи на ЕУ Жозеп Борел во врска со изјавата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп дека нема да ги заштити земјите кои не ги плаќаат своите обврски кон НАТО и дека ќе „ ја охрабри Русија да ги нападне.

Во пресрет на состанокот на министрите за развој на ЕУ, Борел, запрашан да ја коментира изјавата на Трамп, рече дека „НАТО не може да биде „а ла карт“ воен сојуз кој зависи од хуморот на американскиот претседател“, пренесува Ројтерс.

Зборувајќи за Агенцијата на ОН за помош и работа за Палестина, Борел рече дека таа мора да биде способна да продолжи да работи додека се истражува можната вмешаност на некои од нејзините 13.000 вработени во нападот на Хамас на 7 октомври во јужен Израел.

„Никој друг не може да го направи тоа што го може УНРВА, треба да се проверат обвинувањата, да почекаме да се спроведе истрагата. Во меѓувреме луѓето мора да јадат, да одат на лекар“, рече Борел.

 

press24.mk