Градежништвото во овие времиња на светска економска мора да го држиме на високо ниво заради стабилизирање на економскиот раст на државата. Затоа за нас најважно е капиталните инвестиции во континуитет да се реализираат, истакна министерот Бочварски, кој денеска престојуваше во работна посета на општина Берово.
Министерот и градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски извршија увид во изградба на водоснабдителен систем за туристичката населба Беровско езеро.
Проектот кој е во вредност од 7,3 милиони денари се работи во соработка со општината. Водоводниот систем е целосно изграден, следната недела ќе се изврши испитување на новата мрежа. Дополнително ќе се гради нова секундарна водоводна мрежа до постоечките објекти со што ќе се поврзат со чиста вода за пиење.
“Берово и Малешевијата е значаен регион каде е потребно во континуитет да го развивме туризмот од сите аспекти и истовремено и да ги подобриме условите за живот на граѓаните. Еден од тие проекти што е од особено значење за подобрување на условите за развој на туризмот е реконструкција на водоводната мрежа во туристичката населба Беровско езеро. Ова е заокружување на претходно изградената фекална канализација исто за оваа населба со што веруваме дека значително се подобрени условите за развој на туризмот во овој дел од градот, изјави Благој Бочварски министер за транспорт и врски.
“Општина Берово од 2017 година од прекуграничната програма Република Северна Македонија – Република Бугарија реализираше проект изградба на филтер станица која сега со изградбата на нов цевковод практично ќе овозможи да почне водоснабдувањето на викендиците во туристичката населба Беровско Езеро со чиста вода за пиење, изјави градоначалникот на општина Берово Звонко Пекевски.
Министерот додаде дека државата посебно е фокусирана и на отворање на граничниот премин Клепало, кој се очекува да придонесе за дополнителен развој на туризмот и раздвижување на локалната економија.
Извор: Влада
фото: Влада