Британската министерка за внатрешни работи Ивет Купер денес не одговори директно на прашањето дали Велика Британија ќе ги уапси израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант доколку стапнат на британска територија, јавува Анадолу.
Одговарајќи на прашања од Скај њуз, таа рече: „Тоа не е прашање за мене како министерка за внатрешни работи. Меѓународниот кривичен суд (МКС) е секако независен и ние ги почитуваме неговата независност и улогата што ја има.“
„Но во огромното мнозинство истраги на меѓународните кривични судови тие никогаш не станале предмет на британското владеење на правото и процесите за спроведување на законот или на британската влада, во секој случај, постојат соодветни процеси што треба да се следат, па затоа не би било соодветно да го коментирам тоа“, додаде Купер.
Таа рече дека Владата останува на ставот дека тие „веруваат оти фокусот треба да биде на прекин на огнот во Газа“, додавајќи дека фокусот мора „да продолжи да биде на воспоставување прекин на огнот“.
Купер изјави дека Велика Британија ја почитува независноста на МКС.
„Ние секогаш ја почитувавме важноста на меѓународното право. Но, како што велам, во повеќето случаи што тој ги следи, тие не стануваат дел од британскиот правен процес или процесите на британската Влада. Во оние случаи кога се прави тоа, следуваат важни процеси и затоа не би било соодветно јас како министерка за внатрешни работи шпекулативно да коментирам поединечни случаи“, рече таа.
Меѓународниот кривичен суд вчера објави дека издал налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства извршени на палестинските територии, вклучително и во Појасот Газа.