Брод под турско знаме со 12.000 тони пченка пристигна утринава на пристаниште во северна Туркије, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Поларнет“ се закотви во пристаништето во Деринџе, неговата крајна дестинација, три дена по тргнувањето од украинското пристаниште Черноморск во петокот.
Бродот, што вчера доби безбедносен сертификат од тимот на Заедничкиот координативен центар, се очекува да ја истовари пченката во текот на денешниот ден.
„Првиот брод ПОЛАРНЕТ пристигна на пристаништето во Туркије! Останатите бродови ќе пристигнат на своите одредишта во наредните денови“, напиша на Твитер Олександр Кубраков, украинскиот министер за инфраструктура.
Тој истакна дека тоа е позитивен сигнал за пазарот во светот и совршен пример за тоа како функционира Црноморската иницијатива за жито како резултат на поддршката на Обединетите нации (ОН) и Туркије.
На 22 јули, Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за повторно отворање на три украински пристаништа на Црното Море, Одеса, Черноморск и Јужни, за извоз на украинско жито што беше блокирано поради војната со Русија, која влезе во шестиот месец.
За да го надгледува процесот, во Истанбул на 27 јули официјално беше отворен Заедничкиот координативен центар составен од претставници од трите земји и ОН со цел да се овозможи безбеден транспорт на комерцијални прехранбени продукти и ѓубрива со трговски бродови.
Од првото запловување на 1 август, досега 10 бродови со 304.000 тони жито ги имаат напуштено украинските пристаништа во рамките на договорот, за кој многумина сметаат дека помага во олеснување на растечката глобална криза со храна.
извор:Агенција Анадолија (АА).