Најмалку 25 лица загинаа додека шумските пожари продолжуваат да пустошат низ делови од округот Лос Анџелес веќе осми ден, потврди медицинско лице во округот Лос Анџелес, јавува Анадолу.
Во пожарот „Палисејдс“ животот го загубија девет лица, додека во пожарот „Итон“ загинаа 16 лица.
Додека пожарите и натаму беснеат, властите ги повикуваат жителите да бидат внимателни, бидејќи Националната метеоролошка служба предупредува на ветрови кои се очекуваат денес.
„Денеска ветровите се послаби од очекуваното, но се предвидува засилување утре. Сè уште не сме надвор од опасност. Предупредувањата со црвено знаме остануваат на сила. Бидете внимателни и свесни за околината“, соопшти вчера Националната метеоролошка служба во Лос Анџелес.
Според „Cal Fire,“ пожарите „Итон“ и „Палисејдс“ станале најразорните шумски пожари во историјата на Јужна Калифорнија. Заедно, пожарите „Палисејдс“, „Итон“ и „Херст“ опустошија приближно 60 квадратни милји, што е поголема површина од Париз.
До вчера вечерта, пожарот „Палисејдс“ има изгорено над 23.700 акри и е 18 отсто под контрола. Пожарот „Итон“, кој уништи 14.117 акри, е 35 отсто под контрола. Во округот Вентура, пожарот „Ауто“ е 47 отсто под контрола, додека пожарот „Херст“, северно од Лос Анџелес, е речиси целосно изгаснат со 97 отсто контрола.
Роберт Фентон, регионален администратор на ФЕМА за Регион 9, изјави дека агенцијата примила повеќе од 40.000 апликации за помош од поединци погодени од пожарите во Калифорнија.
Ова се случи откако претседателот на САД, Џо Бајден, соопшти дека луѓето погодени од пожарите ќе добијат еднократна помош од 770 долари.