Бројот на загинати лица во разорниот земјотрес со интензитет од 7,7 степени што во петокот го погоди Мјанмар достигна 2.719, соопшти денес шефот на хунтата, Мин Аунг Хлаинг, јавува Анадолу.
Според кинескиот радиодифузер ЦГТН, над 4.521 лице се повредени, а повеќе од 440 се водат како исчезнати.
Како одговор на катастрофата, Мјанмар вчера прогласи седумдневна национална жалост.
Бројот на жртви се очекува да расте, бидејќи голем број лица сè уште се водат како исчезнати.
Во соседен Тајланд, кој исто така беше погоден од земјотресот, властите потврдија дека загинале 20 лица, додека десетици други се водат како исчезнати.
Организацијата „Хјуман рајтс воч“ денес издаде соопштение со кое ја повика воената хунта на Мјанмар итно да дозволи неограничен пристап на хуманитарна помош за настраданите и да ги отстрани сите ограничувања што ги попречуваат итните спасувачки операции.
Мјанмар денес оддаде почит на жртвите со едноминутно молчење.
Земји и организации, меѓу кои Русија, Индија, Кина, Тајланд, Обединетите нации и Обединетите Арапски Емирати, испратија специјализирани тимови за пребарување и спасување, како и хуманитарна помош.
Пакистанскиот премиер Мухамад Шехбаз Шариф денес разговараше со лидерот на хунтата во Мјанмар и изрази сочувство за загубените животи, пренесе државната новинска агенција на Пакистан, АПП.
Шариф најави дека неговата земја ќе испрати околу 70 тони помош за Мјанмар.
Вчера беше објавено дека околу 700 муслимани загинале при уривање на џамии за време на молитва поради земјотресот.