Во екот на заострената реторика меѓу Северна Македонија и Бугарија поради застојот во евроинтегративните процеси, од Софија пристигна вест дека бугарската влада го стопира проектот за пругата кон Северна Македонија. Одлуката е да се пренасочат средствата првично наменети за железничката инфраструктура што ги поврзува Бугарија и Северна Македонија кон завршување на домашните железнички проекти.
Овој потег, како што наведуваат бугарските медиуми, доаѓа како дел од измените на програмата „Транспортна поврзаност“ за 2020-2027 година. Поради доцнење и недостиг на финансиски средства, модернизацијата на железничките делници Софија-Перник и Перник-Радомир, за кои беа доделени 500 милиони евра, повеќе нема да бидат прифатливи за финансирање во тековниот период.
Дополнително, нема европски пари ниту за финансирање за железничките центри во Горна Орјаховица, Русе и Варна. Наместо тоа, средствата ќе бидат искористени за завршување на железничките линии меѓу Софија и Бургас, со 700 милиони евра наменети за делниците Пловдив-Бургас, Елин Пелин-Костенец и Волујак-Драгоман.
Ваквата одлука следи откако Бугарија неодамна предложи нацрт-договор со Северна Македонија за изградба на граничниот железнички тунел од Коридорот 8. Бугарската страна тогаш тврдеше дека е подготвена што поскоро да ги започне преговорите со Северна Македонија за предложените текстови, а потоа да продолжи со неговото потпишување. Предлогот на бугарската држава беше двете влади да преземат конкретни и јасни заложби за реализација на граничниот железнички тунел, кој е клучен елемент на Коридорот 8.
Изградбата на Коридорот 8 претходно беше доведена во прашање, откако од македонската Влада изразија скептицизам околу можноста за реализација на дел од него. Образложението беше дека планираната трета делница од пругата кон Бугарија, Крива Паланка-Деве Баир, „завршува на половина тунел, во слепа улица“. Од Софија, пак, уверуваа дека работат на проектот, кој требаше да заврши до 2030 година.
DW