Бугарското МНР со протестна нота поради претепувањето на секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид

Македонската амбасадорка во Софија Агнеза Руси Поповска е повикана во бугарското Министерство за надворешни работи за да ѝ биде врачена протестна нота поради инцидент во Охрид во кој бил физички нападнат граѓанин на тој град со чувство на бугарска припадност и секретар на пробугарската организација „Цар Борис Трети“.

Најавата ја објави агнецијата БГНЕС и во неа се вели дека станува збор за кривично дело врз „македонскиот Бугарин“ кој со тешки повреди бил примен во болница. Бугарското МНР го објави својот став полн со критики кон Македонија.

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков реагирал телефонски до македонскиот колега Бујар Османи, од кого, како што пишува бугарската агенција, добил уверување за потребна помош од локалните власти.

Привремениот раководител на Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола и екипа од бугарската Амбасада во Скопје се во контакт со повредениот државјанин и се испратени во Охрид, наведува агенцијата.

Во текстот на БГНЕС се вели дека бугарската држава со месеци упорно го потенцира своето очекување властите во Македонија да преземат итни и ефективни мерки против сериозната ескалација на злосторствата од омраза и манифестации против Бугарите во земјата.

Бугарската страна сè уште нема добиено официјални информации за истрагата и спроведувањето на правдата во врска со неодамнешните напади, вклучително и за пукањето со огнено оружје, врз организацијата Цар Борис III од крајот на 2022 година. За жал, нападот на 19 јануари годинава. е индикативен пример за тешките последици од системското отсуство на адекватна реакција и посветеност од страна на Македонија, вклучително и неможноста да ја исполни својата основна заложба – да ја гарантира безбедноста на сопствените граѓани“, се вели во ставот на бугарското Министерството за надворешни работи.

Бугарија, како што се вели натаму, очекува надлежните органи во Македонија да преземат итни активности за откривање, изведување пред лицето на правдата и казнување на сторителите на кривичното дело, имајќи ја предвид сериозноста на делото.

Плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата и еднаквоста меѓу луѓето се универзални принципи кои ги поврзуваат европските демократски општества. Очекуваме земјата која ја декларира својата желба да биде дел од Унијата заснована на слобода, демократија и владеење на правото, да вложи доследни и реални напори за исполнување на своите заложби поврзани со заштитата и гарантирањето на човековите права. За жал, последниве месеци сме сведоци токму на спротивните трендови во општеството во Македонија. Постоењето на проблеми со правата на Бугарите во Македонија не може да продолжи да се негира и од локалните власти и од меѓународните партнери. Очигледно тоа само води кон нивно продлабочување и е неспоиво со членството во Европската Унија“, наведува бугарското министерство.

Фото: Архива