На некои „Фејсбук“ страници се дистрибуира една
дезинформација дека покојниот француски виролог Лук Монтание наводно предложил луѓето кои ја примиле третата доза од вакцината Ковид-19 да се тестираат за ХИВ. Нема докази дека вирологот Монтание го рекол ова, а пак третата доза од вакцината не може да предизвика ХИВ, пишува Порталб.мк
Треба да се истакне фактот дека познатиот француски виролог, Лук Монтание кој наводно изјавил нешто околу бустер односно за третата доза на вакцините за Ковид-19 почина на 8 февруари годинава.
„Почитувани пријатели, сите кои сте ја примиле третата доза од вакцината пред повеќе од 6 месеци, ве советувам да се тестирате за СИДА. Во мемето што кружи на социјалните мрежи и во разговорите на Телеграм, се гледа лицето на Монтание и текстот: Оние кои ја земале третата доза треба да одат во лабораторија и да се тестираат за СИДА. Резултатот може да ве изненади“, пишува во постот што го рецензираме.
Иако во написот што го рецензираме оваа изјава му се припишува на вирологот Монтание, нема никакви докази дека вирологот всушност го изјавил ова, дури и новинарите на Ројтерс не успеале да откријат каде Монтание го изјавил тоа, и затоа Ројтерс ја има квалификувано како дезинформација.
Според експертите, не постои можност вакцините што се користат против Ковид-19 да предизвикаат ХИВ, СИДА (синдром на недостаток на стекнат имунитет, името дадено на болеста што произлегува од ХИВ).
„Не постои веродостоен механизам со кој вакцините против Ковид-19 (или всушност, која било вакцина) може да предизвикаат ХИВ или СИДА“, рече д-р Бнар Талабани МБЕ, лекар и истражувач од Кардиф, и водич за иницијативата Тим Хало што се однесува на загриженоста за вакцинација против Ковид-19.(teamhalo.org/).
Докторот Талабани додал дека „нема ниту еден доказ за поддршка на ова тврдење и тоа е многу добар пример за тоа како се создаваат дезинформации за да се заплашат луѓето, со цел да се спречат да земаат вакцини кои се докажани како безбедни во речиси 10 милијарди дози дадени ширум светот, до денес“.
„Вакцините воопшто, вклучително и вакцините за Ковид-19, не можат да предизвикаат СИДА/ХИВ или да не направат поподложни на заразување со овој или кој било друг вирус“, додал Талабани за Ројтерс.
Ниту една вакцина против Ковид-19, одобрена за администрирање, нема врска со ХИВ, навел Амеш Адаља, виш истражувач во Центарот за здравствена безбедност Џон Хопкинс.
Тој за „Ројтерс“ додал дека „Ниту една од постојните комерцијално достапни вакцини не произведува меѓусебна реакција со тестовите за ХИВ, така што нема причина да се мисли дека вакцинацијата против коронавирус или засилената вакцинација (трета доза) предизвикува лажно позитивни тестови на ХИВ“. Адаља додал дека ниту една вакцина достапна на пазарот за Ковид-19, како и бустер дозите, не содржат компоненти за ХИВ.
Иако вирологот Монтание (на кого му се припишува изјавата што ја разгледуваме) пред неговата смрт ширел научно не поддржани теории за пандемијата Ковид-19, не може да се најде ниту едно интервју или напис каде тој ги советувал луѓето кои ја примиле третата доза од вакцината да се тестираат за ХИВ.
Сепак, во телевизиско интервју емитувано на 17 април 2020 година, Монтание тврдел дека САРС-КоВ-2, вирусот што предизвикува Ковид-19, содржел ХИВ секвенци, но оваа теорија веднаш беше отфрлена од научната заедница.
Инаку, Монтание подоцна тврдел дека вакцините против Ковид-19 предизвикуваат нови варијанти на вирусот, но здравствените експерти од Светската здравствена организација (СЗО) изјавија дека нема доволно докази за да се поткрепи тврдењето на Монтание.
извор: vistinomer.mk