Васил Јованов телефонот го добил надвор од затворот, пренесен во кутија со колачи

Добро спакуван во кутија од колачи од една затворска соба, мобилниот телефон стигнал до Васил Јованов – возачот кој ја усмрти 22 годишната Фросина Кулакова, објавува ТВ Алфа. Додека шетал во дворот, притвореник од Гевгелија побарал пари за да ја прати кутијата со колачи во соседната ќелија, а внатре да стави и мобилен, со кој Јованов се јавувал кај неговите родители и девојка му.

Според собраните информации досега истрагата, покажала дека затворскиот чувар воопшто и не знаел дека внатре има телефон, па кутијата со благо ја однел во ќелијата во која бил и Јованов, вели во изјава за Алфа, директорот на Шутка, Бубан Утковски.

„Затворскиот полицаец X.A. кој бил распореден во ходникот Д, го замолува да достави благо во друга соба, односно во собата во која е сместен В.Ј. при тоа не посочува ниту едно лице каде што е и посочениот, за да не се посомнева затворскиот полицаец. Претходно, затворениците во собата каде е В.Ј. тропаат на врата и бараат благо бидејќи на еден затвореник му се слошило и му паднал шеќерот“, вели Утковски.

Парите за телефонот, биле предадени од роднини на Јованов на брат му на притвореникот кој ја смислил како да му обезбеди мобилен. Во меѓувреме, друг од притворското одделение во Шутка го сликал Јованов преку прозор и фотографиите ги споделил со другари од надвор, па така беа и јавно објавени.

„Притвореното лице се јавува на член на неговото семејство, за да однесе пари кај лицето В.Б. кој е брат на притворениот И.Б. Направен е претрес, телефонот е одземен, а притворените лица се разместени во различни крила во притворот“, вели Утковски.

Сите кои учествувале се разместени во различни крила во Шутка, а истрага продолжува, истакнува Утковски, која меѓу другото треба да покаже како телефонот воопшто се нашол внатре во ќелиите, со оглед на тоа дека секој поминува низ скенер пред да влезе во притворот.

И од Обвинителството за организиран криминал, велат дека ги следат случувањата во затворот и ќе постапат откако ќе ги добијат потребните извештаи.

 

 

denesen.mk