Веапоска сведочеше, лекарите не чувствувале вина!

По цели седум месеци одложувања денеска во Основниот суд во Струга започна судењето за родилката од Дебар Јилдиз Веапоска, која при породување во 2020 остана без бубрег, матка и јајник. За овој случај за лекарска грешка обвинети се тројцата лекари од Струшката болница, првообвинетиот Мухамед Асани како лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани како лекар-специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата Лилјана Јованоска како лекар-гинеколог акушер. Тие, според обвинението, при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување, со што предизвикале влошување на здравствена состојба на родилката од Дебар поради што таа остана без три органи. Обвинителството ги гони за тешки дела против здравјето на луѓето.

Прв пат на денешното рочиште во судницата се сретнаа оштетената Веапоска и обвинетите. Давајќи исказ за целиот случај на Вепоска и се слошило во судницата, па по пет минутна пауза рочиштето продолжило.

–Ја објаснив целата ситуација, од почетокот до крајот односно додека се разбудив на КАРИЛ. Дека бременоста ми ја водеше д-р Мухамед Асани во неговата куќа во Струга, породувањето го закажа дента кога беше дежурен во струшката болница, објаснив за периодот после операцијата па се додека паднав во кома. Кажав дека цело време имав болки и ме третираа само со инјекции против болка и не направија никаков друг преглед. Нивните адвокати ме прашаа дали сум потпишала согласност пред операцијата, ама јас кажав дека потпишав согласност не да ми извадат матка, бубрег и јајник, туку согласност за царскиот рез, изјави Веапоска.

Веапоска пријавила и оштетно побарување, а сумата ќе биде позната после вештачењето. Обвинетите се изјасниле за невини на денешното судско рочиште. Доктор Мухамед Асани на изглегување од судот одби да даде изјава.

Следното рочиште е закажано за 10 март во 10 часот во истиот суд.

 

skopskoeho.mk