Вечерва на небото првата супермесечина за 2023 година

Доколку вечерва погледнете кон ноќното небо, ќе имате прилика да ја видите првата супермесечина оваа 2023 година.

Како што ни орбитирањето на Земјата околу Сонцето не прави прав круг, така ни орбитирањето на Месечината околу Земјата не прави вистински круг, туку елипса. Ова значи дека оддалеченоста на нашиот единствен природен сателит од Земјата варира – од околу 405.500 км (апогеј) до околу 363.300 км (перигеј). Меѓутоа, поради влијанието на гравитацијата на Сонцето и на планетите, ориентацијата на орбитата на Месечината околу Земјата не е константна, туку цело време се менува, а со тоа се менуваат и позициите на апогеј и перигеј.

Од гледна точка на набљудувач од Земјата, односот на осветлениот и неосветлениот дел на Месечината зависи исклучиво од нејзината положба во однос на нас и Сонцето. Кога Месечината е приближно помеѓу Земјата и Сонцето, страната што е осветлена е страната што не можеме да ја видиме, што претставува млада Месечина. Спротивно на тоа, кога Земјата е приближно помеѓу Месечината и Сонцето, ја гледаме целосно осветлената страна на Месечината, која ја нарекуваме полна Месечина.

Кога Месечината е на најблиското растојание од нашата планета, а Земјата е во исто време помеѓу Месечината и Сонцето, односно кога перигејот и полната Месечина се поклопуваат, се добива она што ние го нарекуваме супермесечина.

Месечината денеска ќе изгрее околу 21 часот, а оние што ќе погледнат нагоре ќе можат да видат 14% поголема и 30% посветла Месечина отколку кога се поклопуваат полната Месечина и апогеј, што го нарекуваме микромесечина.

Доколку вечерва заборавите да ја видите оваа појава или времето не ви дозволува, не грижете се, ова е само првата супермесечина во годината, а ќе има уште три. Следната можност да ја набљудувате супермесечината ќе ја имате на 1 август.

kajgana.mk